Почнува со работа европската автомобилска индустрија

Во Европа постепено почнува производството на автомобили, по повеќенеделниот прекин на производството поради епидемијата на новиот коронавирус.

Најголемиот произведувач на автомобили во светот, германскиот „Фолксваген“ денеска повторно ја отвори фабриката во Волфсбург.

Охрабрена од намалувањето на ширење на ковид-19, Германија дозволи малите продавници повторно да се отворат, под услов да ги почитуваат строгите мерки за дистанца и хигиена, а нивниот пример сега го следат и големите компании.

– Германската автомобилска индустрија се враќа денеска. Ние во „Фолксваген“ ја искористивме петнеделната пауза да се подготвиме за рестартирање на производите – изјави претставникот на „Фолксваген“, Бернд Остерлох.

И Бе-Ем-Ве денеска започна со производство во фабриката во Велика Британија, а следува отворање на фабриките во Јужна Каролина и во Мексико во мај.

Работниците ќе мора да носат заштитни маски и да држат дистанца.

Променети се и правилата во автобусите што ги превезуваат работниците кога станува збор за седиштата и влезот и излезот од возилото.

За интензивирање на производството се подготвува и фабриката „Мерцедес Бенз“ во Зинделфинген и Бремен.

За разлика од Италија и Шпанија, Германија никогаш не го забрани производството на автомобили, но фабриките престанаа со работа бидејќи властите го ограничија движењето на луѓето и принудно ги затворија салоните за автомобили, што доведе до пад на побарувачката на автомобили.

„Фијат Крајслер“ денеска ја отвара фабриката во Севел во Италија, со план за продолжување на 80 проценти од производството.

Во Франција, „Тојота“ оваа недела започнува со работа во фабриката во Валенсиен, а „Рено“ го започна производството на мотори во фабриката западно од Париз.

– Економијата во Европа е запрена. За вакцина ќе биде потребно многу време. Важно е да се рестартира производството на сигурен начин. Се надеваме дека можеме да придонесеме за нормализација – изјави извршниот директор на „Волво“, Хакан Самуелсон.

Шведскиот „Волво“ ја отвори фабриката во Торсленд по ремонт на производствениот процес.