Почнува внатрешното уредување на блоковите В и Г во студентскиот дом ,,Гоце Делчев“

Почнува внатрешното уредување во реконструираните блока В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Проектот со изработка на мебел во брачните, двокреветните и апсолвентските соби, како и за влезниот хол во Студентскиот дом „Гоце Делчев“, блок В и Г е изработен според барање и насоки од страна на Министерството за образование и наука. Комплетното уредување се однесува на 2 влезни хола, 16 брачни соби, 256 двокреветни и 64 апсолвентски, извести управата на Студентски дом „Гоце Делчев“.

Проектираниот мебел е дизајниран според затекнатата реконструирана и адаптирана состојба на собите, задржан е иницијалниот функционален концепт, и обезбедени се основните услови за потребите на корисниците на собите. Секоја соба вклучува кревет, работна маса, работен стол, гардеробер, елементи за одложување на облека, предмети, постелнина и книги како и флексибилен стол.

Работните маси се дизајнирани и димензионирани според максималниот простор за нивно позиционирање и пропишаните стандарди.

Елементите за одложување на облека, предмети, постелнина и книги се проектирани елементи со различна форма и димензии, прилагодени на расположливиот простор, за одложување на облека, постелнина, предмети и книги, дизајнирани да ги задоволат потреби на секој поединечен корисник на собите.

Влезните холови во блоковите се организирани како модерни, динамични катчиња за социјализација на студентите и средби со посетители. За таа цел избрани се декоративни и лесни столови за удобно седење, флексибилни и мултифункционални, изработени од трајни, квалитетни и лесно одржливи материјали.