Почина Арета Френклин

Кралицата на соул музиката, Арета Френклин почина денеска во болницата во Детроит по долго и тешко боледување. Легендарната пејачка пред неколку дена беше примена во тешка состојба во болница, откако во 2010 година и беше дијагностициран рак на панкреасот. Френклин (76), која стана првата жена што влезе во Рокенрол холот на славните, лани објави дека се пензионира од музиката.

Позната по својот исклучителен вокал со кој пееша за задоволството, болката и животната надеж, пејачката стана симбол на движењето за човечки права и еманципација на жените.

Нејзините најголеми хитови се „Respect“, „I Say a Little Prayer“, „Think“ и други 20 американски број еден хитови во кариерата. Последен пат настапи минатиот ноември, на гала концерт во Њујорк што се одржа во знак на поддршка на фондацијата за СИДА на Елтон Џон.

Родена во Мемфис како ќерка на на евангелска пејачка и пијанистка и прославен баптистички проповедник, Френклин беше образувана од рана возраст од такви евангелски ѕвезди како Махалија Џексон и Клара Вард. Таа имаше проблем да се прослави во раните години, оти издавачката куќа Колумбија не беше сигурна како да се справи со нејзиниот импресивно моќен глас. На 20 години веќе беше суперѕвезда. Нејзините плочи се продадоа во милиони примероци и има освоено 18 награди Греми.

Беше пријателка на Мартин Лутер Кинг и пееше на неговиот погреб, а пееше и на инауграцијата на претседателите Бил Клинтон и Џими Картер.