Почина Биби Андерсон, омилената актерка на Ингмар Бергман

Шведската актерка Биби Андерсон, која настапи во единаесет филмови на својот славен сонародник Ингмар Бергман, почина во неделата во 83-та година од животот објавија за медиумите нејзината ќерка Џени Греде Далстранд и долгогодишната пријателка режисерката Кристина Улофсон.

„Биби беше голема актерка и фантастичен хуманист“, изјавила Улофсон за локалниот весник Goteborgs Posten. Додала дека Андерсон има голем придонес во развојот на шведскиот театар и кинематографијата.

Андерсон ја започнала кариерата кога имала само 15 години во реклама која ја снимил Ингмар Бергман за сапуните „Брис“, а потоа една од нејзините први позабележителни ролји била во филмот „Насмевки на летната ноќ“ од 1955 година, во режија на Бергман. Вкупно играла во 11 филмови на прославениот режисер, меѓу кои се „Седмиот печат“ (1957-та), „Поле со јагоди“ или „Диви јагоди“ (1957) „Сцени од брачниот живот“ (1973). Според критиката, една од најдобрите улоги ѝ е онаа на медицинската сестра Алма во филмот „Персона“ од 1966 година.

Биби Андерсон е добитничка и на бројни награди, меѓу кои се издвојуваат наградата за најдобра женска улога на Канскиот фестивал во 1958 година во филмот „На изворот на животот“ во режија на Бергман и признанието Сребрена мечка за најдобра актерка на Берлинскиот фестивал во 1963 година во филмот „Љубовница“ на Вилго Шоман.

Глумеше сѐ до 2009 година кога масивен мозочен удар ѝ парализираше дел од телото. Од тогаш беше постојано згрижена во болниза за стари лица во Стокхолм.

Медиумите и самиот Бергман често говореа за актерките од неговите филмови како за „негови актерки“, сѐ додека Биби Андерсон во една прилика не му одговори дека таа „припаѓа единствено на самата себеси“.