Почина еден од основачите на стилот боса-нова, Жоао Жилберту

Бразилскиот музичар Жоао Жилберту, еден од основачите и легендите на стилот боса-нова чијашто песна „The Girl from Ipanema“ и по шест децении откако е снимена е многу слушана, почина на 88-годишна возрас, објави на социјалните мрежи неговиот син Жоао Марселу.

„Мојот татко почина. Неговата борба беше благородна, се обидуваше да го сочува достоинството додека ја губеше својата автономија“, напиша на Facebook Жоао Марселу за својот татко кој живееше осиромашен и осамен во Рио де Жанеиро.

Причината за смрта не е соопштена. Агенцијата AFP наведува дека Жилберту последните години се соочувал со здравствени проблеми и бил исклучително слаб. Според Reuters, музичарот починал во неговиот дом во Рио.

На гитаристот и пејачот Жоао Жилберту, роден со вистинско име Жуан Жилберту Праду Переира де Оливеир 931 година во градот Жуазерју, каде што започнува да настапува уште како тинејџер, кариерата започнува да му се движи по нагорна линија со хитот и истоимениот дебитантски албум „Chega de Saudade“ од 1958/1959 година. Овој албум се смета за еден од аудио записите кои го формираа и дефинираа стилот боса-нова, кој е своевидна синтеза на бразилската народна песна со елементи на џез.

Публиката ја шармираше со тивкиот, речиси шепотлив глас уште во 1957 година кога предизвикал сензација во музичките кругови на Рио. Неговата нумера „The Girl from Ipanema” од 1962 година, која ја отпеала во оригиналот неговата тогаш сѐ уште идна сопруга пејачката Аструд Жилберту, стана планетарна химна и стандард за боса-нова, и најпозната бразилска песна на сите времиња. Легендарниот Френк Синатра во 1967 година ја стави на својот постојан репертоар.

Во текот на својата кариера, Жилберту издаде десетици албуми, а неколкупати ја добиваше и престижната музичка награда Греми. Во 2008 година Жоао Жилберту ги распредаде влезниците за концертот по повод 50-годишнината од појавувањето на боса-новата за помалку од еден час.

Соработката на Жилберту со американскиот џез саксофонист Стен Гец, запишана на албумот „Getz / Gilberto“, го освои признанието „Албум на годината“ на доделувањето на наградите Греми во 1965 година. Албумот ја содржеше преработката во џез-стандардите на „The Girl from Ipanema“, која дојде до петтото место на топ-листата Billboard Hot 100.

Особено последната деценија ја имаше репутацијата на ексцентрик кој е преокупиран со самоусовршување. Умееше да ја напушти сцената ако смета дека публиката не се однесува со доволно уважување или, пак, ако смета дека акустиката е под стандардите, а умееше и да побара да бидат исклучени и климатизерите во салите во кои настапуваше. И покрај сѐ, пред да се повлече ги полнеше салите на сите континенти.

Живееше во кварот Леблон во Рио, не даваше интервјуа и одбегнуваше јавни настапи. Почина осамен и финансиски скршен, вклештен во судирот меѓу своите две деца од една страна – синот Жоао Марселу и ќерката Бабел, и последната сопруга Клаудија Фаисол, новинарка 40 години помлада од него и мајка на неговата ќерка адолесцентка, од друга страна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.