Почина хирургот кој на новороденче му пресади срце од мајмун

Др Леонард Бејли на недатирана фотографија во кампусот на пациентите со трансплантација на срце (Loma Linda University Health)

Леонард Бејли, хирургот кој отвори ново поглавје во медицината пресадувајќи на новородено девојченце срце од павијан поради што беше жестоко критикуван, почина по долгогодишна борба со ракот во 76-та година од животот.

Одлуката на Бејли срцето од павијан со големина на орев да ги пресади на 12 дена старо новороденче познато во јавноста само по измисленото име „Бејби Феј“ предизвика голем меѓународен интерес и поттикна многу морални и етички дилеми за користењето на животинските срца, бубрези и други органи за пресадување кај луѓето. Критики имаше толку многу што пресадувањето на органите од другите видови до денес не стана стандард во медицината.

Бејли, хирург од калифорниското гратче Лома Линда (Прекрасен рид, на шпански – з,р), оваа операција изведена во 1984 година го претвори во водечкиот светски авторитет во трансплатацијата на срца. Докторот од малото место ненадејно стана меѓународно познат вешт и храбар хирург кој е подготвен да урива бариери.

Меѓутоа, за тоа плати висока цена. Остро беше критикуван од колегите од струката, но и од активистите за заштита на животните. Опасноста беше толку голема што му сугерирале на еден собир во Лома Линда, каде што требало да зборува за операцијата, да носи заштитен панцирен елек. На крајот се откажал од тоа предавање. Дури и Кристијан Бернар, јужноафриканскиот хирург кој ги редефинираше медицинските прирачници со првата трансплантација на срце, кажа дека Бејли со операцијата на девојченцето Феј „отишол предалеку“.

 

Душата не е во срцето,

„Бејби Феј“ тежела одвај малку повеќе од два килограма кога лекарите заклучиле дека веројатно ќе почине од синдромот на хипопластично лево срце, како што се нарекува овој вроден срцев недостиг, кој не било возможно да се исправи со реконструктивна хирургија. Бидејќи при рака немал срце од новороденче, Бејли се решил на радикален зафат и земал срце од примат, од павијанот по име Губерс.

Иако Феј почина 21 ден потоа, операцијата беше доживеана како револуционерна и овозможи трансплантациите на срце од новороденче на новороденче да стане прифатлива процедура. Нејзините родители ја поддржа одлуката на Бејли со мајмунско срце да се обиде да им го спаси детето.

„Со многу чувства се зборува за срцето, но тоа е всушност само пумпа. Душата не е во срцето. Душата е во мозокот“, вели мајката на Феј во еднинственото интервју кое го даде во животот.

Леонард Ли Бејли е роден 1942 година во Такома и по завршувањето на колеџот се запишал на медицинскиот факултет во Лома Линда. Специјализирал во педијатриската болница во Торонто и таму бил сведок како многу, инаку здрави деца, умирале од вродени срцеви недостатоци.

„Три дена…, на родителите им велеа или да го остават детето да умре во болницата или да го однесат да умре во својот дом“, рече Бејли во едно интервју од 2009 година.

 

Погрешна била крвната група

Операцијата претставуваше и пресвртница за Лома Линда, одделена стотина километри од Лос Анџелес и цел еден свет од елитните медицински факултети. Денес тамошната болница е светски познат центар за педијатриски трансплантации на срце.

Бејли таму извел 375 трансплантации на срце кај новороденче, вклучително и онаа првата од новороденче на новороденче. Едно од децата кои ги спасил, подоцна тргна по нековите стапки.

Во текот на животот многу размислувал за операцијата на девојченцето Феј. На радикалниот потег се одлучил, како што велеше, поради тоа што Феј немала време да чека човечко срце. Ја призна и „катастрофалната“ одлука да земе срце од павијан кој имал поинаква крвна група од девојченцето. Таа имала крва група 0, а павијанот АБ. „Доколку Бејби Феј имаше крвна група АБ, денес ќе беше жива“, оцени своевремено Бејли.