Почина Клод Ланцман, синеаст, филозоф и книжевник

Синеастот автор на монументалниот филм „Шоа“, писател, филозоф и новинар, Клад Ланцман, кого некои го нарекуваа „интелектуален суперстар“ почина во четвртокот на возраст од 92 години во Париз, а целиот XX век го проживеа борејќи се со несмалена сила за нештата коишто ги сметаше исправни.

Ерудит кој значаен дел од 1950-те го минал како партнер на славната писателка Симон де Бовоар и работел заедно со уште пославниот Жан-Пол Сартр и други филозофи на епохата, Клод Ланцман е сметан за подеднакво добар и како автор, синеаст, новинар, биограф, предавач.

Највисокото француско признание – Легијата на честа, за животно дело ја прими во 2006 година, а на чело на списанието Les Temps Modernes (Модерни времиња), кој го основал Сартр, Ланцман продолжи да работи и кога веќе навлезе во деведесеттите години од животот, потсетуваат медиумите.

Роден 27-ми ноември 1925 година во предградие на Париз во еврејско семејство коешто таму се доселило од источна Европа, Ланцман во времето на нацистичката окупација на Франција соработувал со Движењето на отпорот.

Кон средината на 1970-те години започнал да работи на создавање усна историја на холокаустот масовно интервјуирајќи ги преживеаните, но и сторителите и очевидците на масакрот на нацистите на повеќе од шест милиони Евреи. Вкупно 11 години го снимаше филмот „Шоа“, што е хебрејски збор за холокауст кој е премиерно прикажан 1985 година. Деветчасовниот филм е дочекан со одлични критики, а најголемиот дел од сировиот материјал, транскриптите и интервјуата потекнуваат од американскиот Меморијален музеј на холокаустот во Вашингтон.

Израелскиот претседател Реувен Ривлин го опиша филот „Шоа“ како филм кој „ја промени целокупната перспектива на светот“. „Во неговите помалку познати филмови подеднакво се очигледни хумани и остроумни ставови“ на Ланцман, напиша Ривлин.

Во филмовите „Зошто Израел“ или „Тсахал“, Ланцман сведочи за приврзаноста на хебрејската држава, а подеднакво жестоко ги бранеше по војната тежнеењата за независност на колонијалните држави.

Во 2009 година Ланцман ја објави автобиографијата „Патагонискиот зајак“ во која го опишува своето растење и влијанието на нацизмот врз неговиот живот, а не го изостава ниту својот однос со Симон де Бовоар која истовремено била во врска со Сартр.

Како ученик во гимназијата Кондорсе во Париз го открил антисемитизмот и во книгата опишува дека „од кукавичлак“ се плашел да застане во одбрана на момче коешто се викало Леви кое било злоставувано од учениците антисемити. На прашањето зошто ја открива оваа срамна епизода, одговори „поради вистината“ и додаде дека Сартр бил тој што му помогнал „да се излекувам од срамот (што сум Евреин), бидејќи ми разјасни што му се случило“.

Ланцман се женеше трипати и имаше две деца, ќерката Анжелик којашто го надживеа и синот Феликс кој во 2017 година почина од рак.

„Смртта не доаѓа самата од себе. Јас воопшто не сум за смртта. Секогаш верувам во животот. Лудо го сакам живото, иако не е секогаш забавен“, се доверил неодамна Ланцман на новинар на агенцијатa AFP. Скршен од смртта на синот кој почина на возраст од 23 години, Ланцман му се придружи на Феликс во четвртокот во болницата „Сен Антоан“, додава AFP.

Влијателниот француски филозоф Бернар-Анри Леви напиша дека е погоден од смртта на Ланцман. „Беше храбар човек. Голем синеаст. Добар човек. Никогаш нема да си ги простам кавгите коишто ги имав со него. Како богатство ги чувам прекрасните моменти кои ги минавме заедно“, напиша.

Во книгата којашто минатата година во негова чест ја објави под насловот „Клод Ланцман, визионер на векот“, професорот Дидие Сокар пишува дека со филмот за истребувањето на Евреите авторот „му ја изгради на овој народ гробницата којашто му недостасуваше“.

„Беше книжевен гигант (…) страсно ја раскажа историјата на XX век“, напиша поранешниот француски министер за култура Жак Ланг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.