Почина момчето повредено во сообраќајката во Кисела Вода

Дваесет и двегодишниот скопјанец, кој беше повреден во сообраќајната несреќа што се случи на 27 јули во Кисела Вода, утрово им подлегнал на повредите, соопшти МВР.

Надлежен јавен обвинител од скопското Основно јавно обвинителство утрово издал наредба до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија во Скопје за обдукција на телото на мотоциклистот, 22-годишниот С.А..

Како што е наведено во соопштението од ОЈО Скопје, Обвинителството ја очекува комплетната документација за сообраќајната несреќа од Министерството за внатрешни работи – записниците од извршениот увид, скиците, резултатите од извршените анализи и изводите од техничкиот преглед на возилата.

Сообраќајната незгода се случи на 27.07.2016 година околу 00:40 часот на крстосницата од ул.„Борис Трајковски“, ул.„Невена Георгиева Дуња“ и крак од ул. „Јужен Булевар“ помеѓу патничко возило БМВ со скопски регистарски ознаки,  управувано од Д.М. (43) од Скопје и мотоцикл „Хонда ЦБР 900“ без регистарски ознаки, управуван од С.А. (22) од Скопје. Со тешки телесни повреди се здоби С.А., возач на мотоциклот, кој беше  задржан на лекување во ГОБ „Свети  Наум Охридски-Скопје“. Како што соопшти полицијата С.А.утрово во 7:30 часот им подлегнал на повредите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.