Почина славниот италијански режисер Франко Ѕефирели

Прочуениот италијански режисер Франко Ѕефирели (Franco Zeffirelli) почина во својот дом во Рим во 97-та година од животот, соопшти во саботата неговата фондација.

Ѕефирели, филмски и театарски режисер, „починал по долго боледување“, додава во објавата фондацијата. Се наведува дека остана активен до длабока старост, а последните години ги минал во количка, опкружен со писма од пријатели и обожаватели во големата вила во предградие на Рим. Објавувајќи ја веста за неговата смрт, фондацијата на својата интернет страница ја постави неговата фотографија и зборовите „Чао Маестро“. Информираат и дека режисерот ќе биде погребан на гробиштата „Порте Санте“ во Фиренца.

Веста за смртта на уметникот ја потврди и градоначалникот на неговиот роден град Фиренца, Дарио Нардела. „Никогаш не сакав да дојде овој ден. Франко Ѕефирели си замнина утрово“, напиша Нардела на Twitter. Додава дека режисерот биле еден од најголемите личност во светската култура.

Во 1977 година, Ѕефирели е награден со Орденот за заслуги на Италијанската Република, Во 2004 година беше награден со титулата Сер и Витез-командер од Редот на Британската империја. Со тоа Ѕефирели стана првиот Италијанец кој ја доби титулата витез на Обединетото Кралство. Истата година станува и првиот добитник на заедничката награда што ја доделуваат рускиот претседател и италијанскиот премиер за исклучителен придонес во културата.

Првично Ѕефирели студирал архитектура, но Втората светска војна ги прекинала неговите студии, а тој му се приклучил на партизанското италијанско Движење на отпорот, а потоа работел како преведувач во Шкотската гарда. По војната се заинтересирал за театарот и филмот, толкувал улоги во универзитетскиот театар, работел како театарски уметник, правел кореографии и коситим за филмовите и претставите на славниот Лукино Висконти.

Оваа работа го прославила и во 1953 година Ѕефирели бил поканет во прочуената миланска La Scala како уметник во поставката на оперското дело „Пепелашка“ на Џоакино Росини. Но Ѕефирели станува режисер на оваа претстава, која постигнала голем успех кај критиката и публиката. Подоцна тој поставуваше опери на истата сцена во Милано, како и во лондонски Ковен Гарден, њујорпката Метрополитен операта, Виенската и Римската опера.

Роден во главниот град на регионот Тоскана на 12-ти февруари 1923 година со вистинското име Џанфранко Корси, Ѕефирели дебитираше во кинематографијата со филмот „Кампување“ од 1957 година. Светски се прослави со филмската адаптација на „Ромео и Јулија“ од 1968 година, којашто се смета за најуспешната класична адаптација на ова драмско дело на бардот на англискиот театар Вилијам Шекспир. За ова дело беше номиниран за Оскар за најдобар режисер, а филмот доби награда за најдобра костимографија и камера.

Филмографијата на Ѕефирели вклучува дваесетина филма од кои особено останаа забележани „Скротената горопадничка“ (Кротењето на опаката – во македонски препев на Драги Михајловски) од 1967 и со Елизабет Тејлор и Ричард Бартон во главните улоги, и со драмата „Шампион“.

Меѓу делата на Ѕефирели се и филмот „Брат Сонце, сестра Месечина“ за животот на средновековниот свет Франциск Асишки, „Исус од Назарет“ кој е снимен по нарачка на Ватикан, мелодрамата „Шампион“, како и филмските адаптации на оперите „Палјачи“, „Травијата“, „Отело“. Подоцна следеа и екранизациите на „Хамлет“, „Врабец“, „Џејн Ејр“, како и „Чај со Мусолини“. Последниот филм „Калас засекогаш“, Ѕафирели го сними во 2002 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.