Почина српскиот актер Предраг Ејдус

Во Белград во петокот вечерта во 71-та година од животот по долго боледување почина еден од доајените на српското глумиште Предраг Ејдус.

Роден е на 24-ти јули 1947 година во Белград, а по завршувањето на гимназијата и неколкуте години минати во култниот белградски аметерски театар Дадов, дипломирал глума во 1972 година на Акадамијата за театар, филм и телевизија во класата на професорот Миленко Маричиќ.

Член на Драмата при Народниот театар во Белград станал во 1972 година и во националниот театар остана до 1993 година, кога премина во Југословенскиот драмски театар. Од 1985 до 1989 година беше претседател на Здружението на драмските уметници на Србија, а во звањето редовен професор на Академијата за уметности е именуван во 2006 година.

Предраг Ејдус со децении беше неизбежен лик на јавната сцена, а со извонредните улоги остави и впечатлива трага и во театарската и во филмската уметност. Своевремено изјави дека „желбата за глума никогаш не ме напушташе, ниту во најтешките моменти“.

Од јавноста криеше дека здравствената состојба му е значително нарушена, но од љубов кон глумата не се откажуваше, наведуваат белградските медиуми по повод смртта на Ејдус.

Кога оваа година му беше доделена наградата за животно дело, рече дека му е мило што се нашол „во друштвото на сите бардови на глумата во Србија кои ја добиле оваа награда“.

„Ова е многу значајно за мене, можеби најзначајното признание коешто го добивам од комедиите кои спаѓаат во жанр кој е најтежок и бара голема работа. Комедијата ја сметам за врв на актерското умеење. Сум во години кога треба да размислувам за престанување со работа, но тоа не ми паѓа на ум“, рече тогаш Ејдус.

Според белешките, Ејдус одиграл околу 200 драмски ролји и снимил повеќе од 50 филмови, учествувал во повеќе од 80 телевизиски драми и серии, со повеќе од 200 улоги во радио-драми снимени за Радио Белград.

Една од последните култни улоги по коишто ќе остане запаметен е улогата на Хрватот во комедијата „Шовинистичка фарса“, во којашто партнер во улогата на Србинот му беше Јосиф Татиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.