Почина Стивен Хокинг

Еден од најголемите светски научници, британскиот физичар и теоретичар, Стивен Хокинг почина вчера на 76 годишна возраст, соопшти неговото семејство.

На Хокинг лекарите му дијагностицирале амиотрофична латерална склероза на возраст од 21 година, а му предвидувале само уште две години живот. И покрај тешката невролошка болест, која го оставила трајно врзан за инвалидска количка, а комуникацијата ја вршел преку компјутер, Хокинг е најпознат по своите истражувања за вселената и квантната гравитација, особено во контекст на Црните дупки.

Автор е на книгата „Кратка историја на времето“ која во 80-те години на минатиот век беше распродадена во рекордни тиражи.