Почина Тоуб Хупер, режисерот на еден од највлијателните хорор филмови во историјата

152

Еден од највлијателните режисери во жанрот на хоророт, најпознат по филмовите „Тексашкиот масакр со моторна пила“ и „Полтергејтс“, Тоуб Хупер, починал во саботата на 74-годишна возраст.

Како што пишува магазинот Variety во неделата повикувајќи се на полицијата на Лос Анџелес, Тоуб Хупер починал во својот дом во предградието Шерман Оукс, но причината за смртта засега е непозната.

Хупер сними многу хорор филмови од кои најпознати се „Тексашкиот масакр со моторна пила“ од 1974 година, „Полтергејтс“ од 1982 чијашто продукција ја потпиша Стивен Спилберг, „Дојденецот од Марс“ од 1986 година и адаптацијата на романот на Стивен Кинг „Салемските вампири“ од 1979 година. Последниот филм што го режираше „Џин“ се појави во 2013 година.

Хупер, кој пред да стане режисер бил универзитетски професор, во текот на кариерата сними уште многу филмови, но никогаш не успеа да ја достигне славата на своите рани ремек-дела.

Филмската критика го смета за еден од најголемите мајстори на хорор жанрот, чиј „Тексашкиот масакр со моторна пила“, се смета за еден од највлијателните хорор филмови на сите времиња.

Филмот зборува за група пријатели кои на патување налетуваат на група канибали. Главниот негативен лик во филмот е Кожното лице (Leatherface), кој стана еден од најморничавите монструми во историјата на хоророт покрај ликовите како Фреди Кругер, Мајкл Мајерс, Џејсон и другите.

Филмот е снимен за само 300.000 долари, а неговото прикажување беше забрането во многу земји поради извонредно жестокото насилство, што не влијаело врз тоа да стане еден од најпрофитабилните филмови од независната продукција во 1970-те години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.