Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, на сесијата на УНЕСКО во Баку замина со регистар од 1076 нелегални градби, од кои 409 се лоцирани во заштитниот појаа на Охрид. Состојбата со урабанизмот и дивоградбите во Охрид е алармантна, па затоа УНЕСКО бара природното и културното наследство на Охридскиот Регион да се ставие на листата на загрозено светско наследство.
Во последниов период Охрид го тресеа многу афери со нелегални градби врз заштитено културно наследство, како што се Алипашината џамија, објектот кај Чинарот, објектот врз археолошки локалитет „Манчевци“, хотелот во Лагдин, бетонската база и ред други дивоградби на крајбрежјето, како и најавите за уште неколку во заштитени подрачја.
Одговорните во Охрид како и надлежните институции останаа глуви на повиците од еколошките здруженија, активисти, невладини организации, политички партии и граѓаните кои алармираа дека постои опасност Охридскиот регион ќе се стави на листата со светско наследство во опасност.
Останува да се види дали летово ќе се уриваат темелите на сите дивоградби во заштитената зона, како што најави градоначалникот Георгиески, дали ќе се казнува за секоја нелегално уловена пастрмка, ќе се санкционира секој предлог за пресушување на Студенчишко Блато…
Инаку, Македонија, Мексико и Бангладеш оваа недела ќе бидат во светскиот фокус како неодговорни земји што своето културно и природно наследство го запуштија и уништија до тој степен, што ќе бидат тргнати од светската листа на културно наследство на УНЕСКО. Македонија може да го изгуби единствениот локалитет – Охридскиот Регион, заштитен како природно и културно наследство од светско цивилизациско значење. Во светот има само 38 вакви.
Вчера започна 43. сесија на Комитетот за светско наследство на Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации, која ќе трае до 10 јули. На една од работните седници ќе биде предложено Охрид и неговата околина, заедно со шумите во Сундарбан, Бангладеш и островите на Калифорнискиот голфски залив во Мексико, да бидат ставени на светската листа со локалитети во опасност. Само Охридскиот Регион има статус на двојна заштита (и како природно и како културно наследство), додека останатите два локалитета се заштитени само како природно богатство.
Со години наназад ниедна власт, централна или локална, ресорно министерство или Национална комисија на УНЕСКО, надлежни тела за Охрид и неговата состојба не направи ништо за неговата заштита. Се правеа тела, национални и погранични, правилници, анализи и дебати, но во пракса реално не се направи ништо. Никој не ги зеде предвид предупредувањата од редовните инспекциски надзори од телата на УНЕСКО, ниту сериозно се зафати со поправање на грешките. Ниту некој надлежен се охрабри гласно да каже, да алармира дека правецот во кој се менаџира Охридскиот Регион не е погрешен.
Единствените што успеаја да ѝ го привлечат вниманието на јавноста во последно време се активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“. Група млади луѓе, свесни и за природното и за културното богатство на Охридскиот Регион. За жал, институциите и власта ги слушнаа повиците за ЅОЅ дури пред еден месец, кога Центарот за светско наследство го објави извештајот со нацрт-одлуката и препораката Охридскиот Регион да се стави на листата со светско наследство во опасност.