Почна втората фаза од преговорите за членство во НАТО

Како што беше најавено, во четвртокот започна втората фаза од преговорите за членство во НАТО коишто ги опфаќаат деталните аспекти на членството, вклучувајќи ги и политичките, воените и правните прашања.

Станува збор за фаза пред членство во НАТО и во неа ќе биде утврдена и временската рамка за комплетирање на процесот, што во македонскиот случај е крајот на декември.

Македонската делегација во чиј состав се министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и националниот координатор Стево Пендаровски, денеска во Брисел во седиштето на НАТО, се сретнаа со заменик генералниот секретар на Алијансата Роуз Готмилер и помошник генералниот секретар Алехандро Алварогонзалез во рамките на тековниот процес и преговори за членство во НАТО.

На средбата Шеќеринска истакнала дека нашата земја постигнала забележителни успеси во реформите како исполнување на стандардите од сите земји членки на НАТО и додаде дека во оваа фаза останува последниот чекор што треба да биде направен – пратениците во Собранието на РМ да го одобрат Договорот од Преспа како единствен пат до целосната реализација на членството во алијансата.

Пендаровски, пак, информирал дека согласно Планот, е почнато со реализацијата на обврските што произлегуваат од пристапните разговори а фокусот е на реформите во одбраната и безбедноста, како и во областите како што се владеењето на правото, судската реформа, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на јавната администрација, реформите за следење на комуникациите и разузнавачките служби.

По повод стартот на завршната фаза од преговарачкиот процес со НАТО за членство во алијансата, кој започна денеска во Брисел, Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски ја даде следната изјава за медиумите:

„Практично имавме две сесии претпладне и две попладне, и така и во текот на утрешниот ден. Поминавме одлично. Сесиите беа брзи и ефективни затоа што Македонија е најдолго кандидат, кој чека 20 години. Со овој статус сме од 1999 година на Вашингтонскиот самит на НАТО, и од тогаш до денеска имаме најмногу, 19-годишни кругови на национални годишни програми за членство. Тимовите дојдени овде од сите надлежни министерства и државни органи се подготвени многу одамна за ова. Само го чекавме моментот кој се случи во јули кога ја добивме поканата, да се отвори овој формален процес, оваа последна фаза, пред членство во НАТО. Мислам дека ќе поминеме рутински, бидејќи навистина имаме тука доста способни луѓе од сите министерства кои си ја знаат својата работа“, рече за медиумите Пендаровски.

Портпаролката на генералниот секретар на НАТО, Оана Лунгеску, по почетокот на пристапните преговори за членство на Македонија во Алијансата, изјави за МИА дека денешниот настан е важен чекор за Македонија и оти земјата сега има историска можност да стане дел од евроатлантското семејство ако се имплементира Договорот со Грција.

„Земјата одбележа важен чекор денеска со започнувањето на дводневните пристапни преговори во седиштето на НАТО. – Преговорите ја покриваат безбедноста, одбраната, политичките, правните и финансиските прашања како и целите и роковите кои Скопје треба да ги исполни за време на и по зачленувањето. Ова е продолжување на работата на пристапниот процес кој започна во јули по поканата на сојузниците на Самитот во Брисел. Скопје има историска можност да го спроведе Договорот за името и да ја внесе земјата во евроатлантското семејство. Ова ќе помогне да се консолидираат мирот и стабилност ширум западниот Балкан“, изјави Лунгеску=.

 

Пристапниот процес за членство во Алијансата почна во јули годината откако Македонија ја доби поканата за членство на самитот во Брисел. Од земјата, покрај уставните измени, се очекува реформи во одбранбениот систем, модернизација на армијата и зголемување на буџетот за одбраната.

Доколку сѐ оди според планот во јануари идната година треба да се потпише протоколот за пристапување на државата во сите тела и органи на НАТО, но без можност да гласа, а приемот во полноправно членство ќе се случи откако земјите членки ќе ги ратификуваат протоколот и тоа секоја посебно. Планирано е тоа прва да го стори Грција откако ткн Преспански договор ќе биде целосно импелментиран, а се очекува дека до март 2020 година Македонија ќе стане полноправна членка на Алијансата.