Почнува летното сметање на времето

Ваквото сметање на времето ќе трае до последната недела во октомври кога во три часот наутро стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час наназад.

Преминувањето од зимско на летно сметање на времето е воведено со образложение дека се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда на електрична енергија, се зголемува продуктивноста на работната сила, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден станува поефикасен.

Во поранешна СФРЈугославија, а со тоа и во Македонија, летното сметање на времето првпат е воведено на 27 март 1983 година.

Првпат преминување од зимско на летно сметање на времето и обратно е забележано во 1916 година во државите на северна Европа, додека во западна Европа е воведено на почетокот на 70-тите години на минатиот век.

Во државите кои се во близина на екваторот денот и ноќта траат главно еднакво така што со поместувањето на стрелките на часовникот не се добива ништо. И во поларните предели денот и ноќта траат со месеци, па поместувањето на времето не дава никакви резултати.

Во Соединетите Американски Држави летното сметање на времето не се применува во Аризона и Хаваи, а во Европа не се применува во Исланд.

Некои упатуваат на тоа дека преминувањето на зимското во летно сметање на времето и обратно предизвикува хаос во распоредот на состаноците поради прекуокеанската поделба на поместувањето на времето.