Почнува постапката за избор на универзален снабдувач на електрична енергија

Постапката за избор на универзален снабдувач на електрична енергија, според најавите треба да започен од понеделникот, а со распишување меѓународен тендер Владата треба да избере компанија која со струја ќе ги снабдува оние граѓани и компании кои нема да излезат на слободниот пазар.

Очекувањата се дека фирмата којашто ќе биде ткн универзален снабдувач ќе се знае до крајот на годинава. Во случај либерализацијата на пазарот со електрична енергија која е закажана на почетокот на идната година да започне без универзален снабдувач, таа функција сé до изборот на новата фирма ќе ја врши „ЕВН Македонија“. Важно за граѓаните е да се знае дека универзалниот снабдувач за разлика од фирмите кои ќе бидат на слободниот пазар ќе работи по регулирани цени од страна на регулаторната комисија за енергетика.

„Очекувам дека цената ќе остане непроменета за домаќинствата и ќе биде поповолна на регулираниот пазар, имајќи ги во предвид овие цени кои се на слободниот пазар. Се разбира, доколку дојде до намалување на цените на слободниот пазар, домаќинствата и малите компании во секој момент имаат право да излезат од регулираниот пазар и да бидат снабдувани на слободниот пазар, доколку условите им се поповолни“, изјави минатата седмцица Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Од Регулаторна веќе соопштија и дека со новите правила во енергетскиот сектор на располагање на граѓаните им останува и користењето на дневната евтина тарифа на струјата. Бислимовски очекува фирмите кои ќе бидат дел од снабдувачите на струја по нова година да излезат со конкурентни цени . Трансверот од регулираниот до слободниот пазар на електричната енергија би траел дваесетина дена, велат од регулаторна.

Од РКЕ велат дека ќе бидат задоволни доколу од 500 до 1,000 домаќинства се приклучат на слободниот пазар во првата година од либерализацијата на пазарот со електрична енергија. Искуствата од опкружувањето покажуваат дека минимален број на граѓани на стартот ги прифаќаат нови правила за игра во енергетскиот сектор.

Како заштитен механизам против ценовни шокови од владата одлучија во првата година, 80 отсто од струјата која ќе ја дистрибуира универзалниот снабдувач да биде произведена од државната ЕЛЕМ. Секоја следна година учеството ќе се намалува. Лиценци за дистрибуција на струја имаат околу 30 фирми. Оние граѓани и фирми кои сакаат од први јануари да излезат на слободниот пазар треба да направат договор со комапниите најдоцна до крајот на ноември.Незадоволните корисници ќе имаат и право на жалби а со тоа и на обештетување. Се подготвуваат и социјални мерки за ранливите категории на граѓани.