Под слоевите боја и лак откриено дело на славниот Ботичели

Британските рестовратори на уметнички дела кои работеле на слика за којашто долго време се верувало дека е подоцнежна имитација на ремек-дело на Сандро Ботичели, откриле дека таа всушност потекнува од ателјето на славниот ренесансен уметник.

Фондацијата English Heritage, која води грижа за збирката на англискот културно наследство, соопшти во четвртокот дека нејзините конзерватори го откриле делото додека симнувале слоеви од стари премази од сликата „Мадона дела Мелаграна“, која ја прикажува Христовата мајка како го држи своето дете и калинка.

„Веднаш забележав дека сликата многу потсетува на работата на самиот Ботичели. Стилски беше премногу слична за да биде имитација, тоа бил вистинскиот период, технички беше точна и насликана е на материјал кој се користел во тоа време. Да се видат тие бои како излегуваат од под слоевите претставуваше прекрасно искуство“, изјави конзерваторката Рејчел Тарнбул за радиото BBC.

Оваа слика е најблиската на оригиналното дело на уметникот од XV век, коешто се наоѓа во галеријата „Уфици“ во Фиренца. Ботичели имено правел копии од своите дела за да ги продава. Неговите најславни дела се „Раѓањето на Венера“ и „Алегорија на пролетта“. Реставрираната слика, дел од колекцијата на дијамнатскиот магнат од XIX век, Џулиус Вернер, ќе биде изложена во лондонската галерија „Ренџерс Хаус“ на 1-ви април.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.