Податоците упатуваатдека банкарскиот систем е стабилен

Претпазливото управување со ризиците и соодветната регулативна рамка, усогласена со најдобрите меѓународни стандарди, му овозможија на банкарскиот сектор да ја дочека корона-кризата со силна капитална и ликвидносна позиција. Ова било констатирано на состанокот со потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде и регионалната директорка на Светската банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, на којшто учествуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите Фадил Бајрами, Емилија Нацевска и Ана Митреска.

На состанокот, одржан во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, Соговорниците истакнале дека отпорноста на банкарскиот сектор се потврдила изминатата година, преку одржување на сите показатели на солидно ниво.

-Истовремено, банкарскиот систем и натаму обезбедува дополнителна кредитна поддршка, придонесувајќи за ублажување на ефектите од пандемијата врз финансиската позиција на населението и билансите на корпоративниот сектор, потенцираат од Народна банка.

Во разговорот, меѓу другото, било посочено и на параметрите за банкарскиот систем коишто ја отсликуваат неговата капитална и ликвидносна позиција. Притоа било нагласено дека солвентноста и ликвидноста, на почетокот од корона-кризата, биле и подобри од оние на почетокот на големата глобална криза во 2008 и 2009 година.

-Тоа упатува на поголем простор за апсорбирање на потенцијалните ризици, и за непрекинатост на кредитната поддршка од банките во овој период, што е клучно за справување со предизвиците, наметнати од здравствената криза, нагласуваат од Народна банка.

Дискутантите на состанокот забележале дека, со оглед на продолжениот карактер на кризата во глобални рамки, во периодот што следува треба внимателно да се следат ризиците и да се обезбеди проактивно и превентивно преземање мерки и носење одлуки заради нивно минимизирање. Оттука, како што било констатирано, произлегува и одлуката на Народната банка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивидендите, што значи зајакнување на потенцијалните извори на капитал за банкарскиот систем.

„На состанокот, посебно беше нагласена и поддршката од страна на Светската банка во справувањето со пандемијата, како и поддршката за нашата економија на патот кон одржливо закрепнување преку мобилизација на приватниот сектор и воведување реформи коишто ќе обезбедат одржлив, севкупен раст“, информираат од Народна банка.