Поддршка на здравствениот сектор, економска стабилност и забрзан раст со буџетот за 2021, најави Заев

Со Предлог Буџетот за 2021 година се планира раст на економијата во државава од 4,1 процент, буџетски приходи во износ од 212,6 милијарди денари и расходи од 247,5 милијарди денари, буџетски дефицит од 4,9  проценти од БДП, како и капитални инвестиции во износ од 23 милијарди денари, соопшти денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев.

Буџетот за 2021 година што го усвои Владата и ќе биде проследен до Собранието, како што рече Заев, е за економска стабилност и забрзан раст со долгорочна фискална консолидација.

-Главни приоритети на Буџетот за 2021 година е поддршка на здравствениот сектор, што значи заштита на здравјето и  животите на луѓето, економско заздравување и раст, преку  мерки за социјално ранливите категории, поддршка на економијата и зачувување на работните места. Нашиот фокус во текот на 2021 година, колку што е можно повеќе го насочуваме на политики кои ќе поддржат инвестиции за зголемување на конкурентноста и политки кои  ќе поддржат  реализација на  капитални инвестици што на среден рок ќе значи одржлив раст односно забрзување на стапката на раст, рече Заев на заедничка прес-конференција со министерот за финансии во Владата.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, предложениот буџет  е за ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст – раст кој треба да биде двојно поголем во однос на изминатата деценија, или во просек пет проценти од БДП.

Поради здравствено економската криза буџетот е планиран на нов, подолгорочен и посеопфатен начин, согласно концептот на смарт финансии. Со овој буџет, потенцираше Бесими, почнуваме нов концепт,  фискалната година од 12 месеци се менува со петгодишна рамка.

-Очекувањата за 2021 година за нашата економија е дека ќе забележи раст од 4,1 процент во 2021 година, по што во 2022 година се очекува раст од 4,6 проценти, во 2023 од 5,2 проценти, во 2024 од 5,6 проценти и во 2025 од 5,9 проценти. Проекцијата за 2025-2030 година е просечен раст на економијата од 5,75  проценти, рече Бесими.

Со буџетот се планирани: Стратегија за заздравување на економијата и забрзан раст или SmartER Growth, политики за буџетска консолидација  и План на јавни инвестиции од 2021-2025.

Со цел да се поттикне ревитализацијата на економијата и да се поддржи нејзината стабилност, преку Стратегијата за економски заздравување и забрзан раст предвидени се компонентите: економско заздравување од Ковид-19, забрзан, инклузивен и одржлив раст,  зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и  развој на човечките ресурси и еднакви можности. Фискалната консолидација се планира да се постигне преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и преструктуирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.