Поддршка на евроатланските интеграции и охрабрување за имплементацијата на договорот со Грција, доби Заев од португалскиот премиер

Премиерот Зоран Заев во рамки на работната посета на Португалија се сретна со премиерот Антонио Коста, а како што соопштуваат од владината прес-служба, македонскиот премиер ја оценил како одлична можност за унапредување на односите меѓу Македонија и Португалија на највисоко ниво и го поканил португалскиот колега во официјална посета.

.
На средбата, како прва на ниво на премиери на двете земји, Заев и Коста имаа заеднички став дека застапуваат идентични интереси на двете земји и кога станува збор за некои од глобалните, европските и регионалните прашања. Во таа насока, премиерот Заев го информираше својот колега од Владата на Република Португалија за актуелниот момент на односите на Република Македонија со соседите и со другите земји од Западен Балкан, и го нагласи позитивниот и активен пристап на нашата земја во унапредувањето на односите со секоја земја од регионот одделно.

Во таа насока, премиерот Заев информираше за резултатите од договорите со Република Бугарија, и посебно со Република Грција во однос на прашањето за името, и го истакна позитивниот развој што ги направи реални можностите за членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

Португалскиот премиер Коста изрази безрезервна поддршка за нашето членство во НАТО и ЕУ, и ја охрабри целосната имплементација на Договорот од Преспа, како клучен предуслов за тоа. Двајцата соговорници се согласија дека е неопходно зајакнување на економските врски меѓу двете и да поттикнат балансирање на трговската размена.

На средбата, премиерот Зоран Заев и премиерот Антонио Коста, се согласија дека треба да се охрабри и парламентарната соработка меѓу Република Македонија и Република Португалија.