Поддршка на КИФ за над 1.200 компании од Западен Балкан

Повеќе од 1.200 мали и средни претпријатија од шесте држави од регионот на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Северна Македонија и Црна Гора) во следните три години ќе можат да добијат конкретна поддршка од Коморскиот инвестициски форум (КИФ) за унапредување на нивните производни и извозни капацитети,  зголемување на нивното присуство на регионалните и на светските пазари, како и за зголемување на нивната подготвеност да станат добавувачи на големите мултинационални корпорации, да добијат средства од европските фондови и да привлечат странски инвестиции.
Стопанската комора на Македонија соопшти дека партнерството на тригодишниот проект за подигнување на конкурентноста на стопанството од регионот, кој ќе го имплементира Коморскиот инвестициски форум, а за којшто ЕУ издвои 2,5 милиони евра, ќе биде официјализирано денеска, во рамките на Бизнис Форумот на Самитот за Западен Балкан во Познањ, од страна на европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан и претседателот на Коморскиот инвестициски форум, Марко Чадеж.
Потпишувањето на договорот е планирано за септември, почетокот на реализацијата на проектните активности во октомври, а првите услуги од заедничката регионална стопанска соработка, за стопанствениците ќе бидат достапни до крајот на годината.
– Европската унија преку овој проект помага за зајакнување на капацитетите на Коморскиот инвестициски форум и на коморите основачи на КИФ за поддршка на стопанството, но главните корисници на овие средства, односно на услугите од овој проект ќе бидат самите стопанственици, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија и заменик-претседател на КИФ.

Според него, конкретната поддршка за компаниите ќе донесе и конкретни придобивки и за економиите на државите од Западен Балкан во целина, а целта е за време на проектот, компаниите од регионот меѓусебно, но и со компании од трети пазари, да потпишат договори вредни околу 50 милиони евра.