Поддржани измените на Законот за просторно и урбанистичко планирање во прво читање

Собраниската комисија за транспорт, врски и екологија на денешната седница го разгледа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање, во прво читање, поднесен од пратеници од владеачкото мнозинство, и со шест гласови „за“ и три „против“ заклучи дека е прифатлив и оти треба да се даде на натамошно читање.

Со предлогот, како што истакна Томислав Тунтев од СДСМ, им се излегува во пресрет на барањата на граѓаните кои се соочиле со проблеми при изградбата на објектите и пренамената на земјиштето во однос на завршување на процедурите.

– Измените се во насока на усогласување на одредбите со Законот за градење. Посебно се однесуваат за граѓаните кои живеат во делови од градови кои се заштитени како културно наследство, како што се Охрид, Виница и Битола. Дојдовме до сознанија дека огромен број на инвеститори и луѓе кои чекаат за своите објекти и луѓе кои треба да ја завршат постапката не се во можност зашто се во колизија одредбите од Законот за градење со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Затоа во консултација со стручните служби од Министерството за транспорт и врски се обидовме да донесеме едно преодно решение во смисол на измени и дополнувања на Законот, рече Тунтев.

Со предложените измени, потенцира, се овозможува поголема достапност и увид во плановите од страна на сите заинтересирани страни, а со тоа и поголема транспарентност во постапките за донесување на плановите.

Предлагаме измена со која се овозможува на општините со изработка на регулацискиот план на ГУП со плански  опфат граница на блок во кој би се дефинирале опфатите за детално планирање на изработка на ДУП економски да бидат оправдани и да се приближат до реалните потреби на општината. Предлагаме дефинирање рокови за одобрување на планската програма потребна за изработување на плановите. Исто така, предлагаме зголемување на роковите за јавни расправи, за јавната анкета, како и допрецизирање на линиските структурни објекти. Бараме и бришење на став од член на Законот во кој стојат одредени квантитативни показатели на кои не им е  место во законот, туку се дел од подзаконските акти што се дефинирани во друг член, а ги донесува надлежниот министер за оваа област, рече Тунтев.

Се предлага, посочи, и пролонгирање на рокот на пет години за докомплетирање на документацијата што согласно постоечкиот закон истече на 4 декември 2016 година. Во тие пет години да влезат и веќе изминатите 1,5 година.

Пратениците од опозицијата се согласија со делот на пролонгирање на роковите, но имаа забелешка за бришењето на член 72, став 1 од постојното законско решение со кое се регулира вкупната изградена површина и висинската кота на градбата за објектите за индивидуално и колективно живеење. Според нив, не држи објаснувањето дека овој дел е регулиран во подзаконските акти кои и понатаму остануваат на сила. Сепак, поздравуваат што законското решение се носи во нормална, а не во скратена постапка иако имаат замерка што го предлагаат пратеници, а не Министерството за транспорт и врски.

Предлагате козметички измени на постојниот закон за да може да се затскрие намерата да се отстранат критериумите од член 72, став 1 и да се овозможи на урбаната мафија да прави притисоци за промена на подзаконските акти во делот на објектите за индивидуално живеење и наместо максимална изграденост од 70 отсто на парцелата и висина на венецот од 10,20 метри да се дозволи изградба на станбени објекти за колективно домување со висина на венц од 16 до 25 метри, за кои Собранието нема да биде информирано, и на тој начин да извлечат профити за атрактивните локации, рече Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа предложи наместо да се отстрани членот,  законското решение да се усогласи со Законот за зеленило, кој предвидува 60 отсто од парцелата да биде изградена, а 40 отсто да биде зеленило, па дури и соодносот да биде 50 : 50. Најави дека претеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против предложеното законско решение и во второ читање преку амандмани ќе се обиде да го подобри текстот.