Поделби во врвот на Движењето БЕСА

Раководството на опозициската партија Движењето БЕСА одржа во саботата два паралелни собира на највисокиот партиски орган Централниот совет, со што се најавува сериозен раскол во неговите редови.

Како што и изминатиот период беше навестувано, делови од Централниот одбор на БЕСА, во кои доминираат членови на скопскиот и на тетовскиот огранок на партијата, во саботата Скопје и Тетово одржаа паралелни собири на кои се донесени дијаметрално различни одлуки. На првиот од лидерската позиција е сменет Билал Касами, поради, како што беше соопштено, политичкиот пад на партијата, а на вториот е донесена одлука за свикување конгрес до кој со партијата и натаму ќе раководи актуелниот лидер.

Паралелните собири следат откако во петокот оставка на својата потпретседателска функција во партијата поднесе поранешниот пратеник Зеќирија Ибрахими, кој го напушти паралментот за да се кандидира на локалните избори за градоначалник на скопската општина Чаир, на кои претрпе пораз за кој движењето вели дека е резултат на изборни манипуалции на спрегата во владејачката коалиција меѓу СДСМ и ДУИ.

На седницата на Централниот совет оддржана во Скопје, на која присуствувале 64 од вкупно 106 членови на овој највисок партиски орган, од функцијата е сменет лидерот Билал Касами, наводно поради непочитување на партискиот статут. За привремен претседател на партијата е назначен најстариот партиски функционер,пратеникот Неџбедин Каремани. Од собирот во Скопје за 21-ви февруари е закажан и Конгрес на партијата, на кој ќе треба да се избере новото раководство.

„Централниот совет денеска дискутираше и за одговорноста на претседателот на движењето, за резултатите на локалните избори и одговорноста за блокирањето на сите партиски органи во текот на изминатите два месеца од страна на претседателот, како и за непочитувањето на статутот на партијата од негова страна. Поради ова, Централниот совет на БЕСА со мнозинство гласови одлучи да го разреши Биљал Касами од функцијата претседател“, изјави на прес-конференција во Скопје, Орхан Муртезани.

Во Тетово, пак, се оддржа вториот дел од Централниот одбор, во кој доминираат членови од тетовското крило на партијата, предводено од Касами. Тие донесоа одлука конгресот да се оддржи на 24-ти февруари, а дотогаш со партијата и натаму да раководи актуелниот претседател Билал Касами.