Подгорица „за влакно“ избегна затворање, владата повика на преиспитување на одлуката за затворање на кафулињата

Црногорската престолнина Подгорица за малку ја избегна мерката од понеделник да биде затворена, а по протестите на угостителите од целата земја поради одлуката на здраватвените власти кафулињата и рестораните да бидат затворени во пет општини, челникот на владиното тело кое го координира одговорот на епидемијата ги повика епидемиолозите да ја преиспитаат својата одлука.

Во последните 24 часа црногорските лаборатории потврдиле 86 новозаразени со коронавирусот од 436 тестови, додека од Германија, каде се тестираат примероци поради преоптовареност на црногорските капацитети, од 212 примероци се потврдени 102 нови зарази, или вкупно 188 нови случаи. Вкупно досега се регистрирани 15.615 заразени лица во Црна Гора.

Потврдени се и пет смрни исходи, или вкупно 236 од почетокот на епидемијата, од кои 227 само од почетокот на јуни.

„Поголем епидемиолошки ризик претставуваат сите масовни собири, вклучително и свадбите, прославите по разни поводи, како и разните верски и политички собири на кои сме сведоци секојдневно“, соопшти црногорското Национално тело за заразни болести.

Црногорскиот Институт за јавно здравје предложи во саботата поради растот на заразените во Будва, Улцињ, Цетиње, Колашин и на Жабјак, да се затворат сите угостителски објекти и во овие општини да биде воведен полициски час.

На оваа одлука се спротиставија угостителите, особено во Будва, кои тврдат дека поради овие рестриктивни мерки а по катастрофалните загуби во текот на туристичката сезона, голем број луѓе ќе останат без работа, укажувајќи на фактот дека Институтот за јавно здравје своите пресметки за бројот на заразените не може да ги темели на податоците засновани на пописот од 2011 година, бидејќи оваа општина сега има речиси двојно повеќе жители.

„Сосема ги разбирам угостителите од Будва, како и ставовите на угостителите од Никшиќ и од Подгорица со коишто директно разговарав. Сите тие предлагаат, со право, засилен инспекциски надзор и санкции за оние кои не ги почитуваат мерките“, изјави претседателот на Националното координативно тело за заразни болести и потпретседател на црногорската влада, Милутин Симовиќ.

Истакна дека методологијата на бројот на коронаинфицираните по градовите треба да се пресметува на база на процена на бројот на жителите, а не врз база на податоците од пописот на населението од 2011 година.

„Поради тоа и на овој начин го повикувам Институтот за јавно здравје уште еднаш да ги согледа сите аспекти на оваа предложена мерка и надлежните инспекциски органи својата работата да ја вршат без изговори и без одложување за да не трпат оние кои не би требало“, рече Симовиќ.

Главниот град на Црна Гора, во кој живее третина од вкупното население на земјата, според пресметките на епидемиолозите има 795 заразени на 100.000 жители. Рестриктивните епидемиолошки мерки се применуваат во општините каде има 800 активни случаи на 100.000 жители.

Црногорските здравствени власти откако во септември остро почна да расте бројот на коронаинфекциите увоија ткн „семафор“ кој предвидува воведување мерки по општините зависно од бројот на заразените во нив, кој се мери врз оснвоа на 214-дневан кумулативна инциденца“, односно според бројот на активни случаи во општините во последните две седмици.