Колумни

по дуелот на премеирот и лидерот на опозицијата Подготвеност и аргументи наспроти паушалност

Подготвеност и аргументи наспроти паушалност
Серјожа Неделкоски

Без разлика на тоа што анкетите кои се појавија на социјалните мрежи веднаш по завршувањето на синоќешниот телевизиски дуел меѓу премиерот Зоран Заев и челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, укажуваат на јасна и недвосмислена поддршка на граѓаните за лидерот на опозицијата, силен впечаток предизвикува фактот дека проследивме соочување меѓу површноста и неубедливоста и, наспроти тоа, подготвеност да се зборува со прецизни факти и аргументи.

Ова беше првото јавно соочување по петнаесет години меѓу лидерите на двете најголеми партии во земјата, и со самото тоа што дуелот го побара водачот на опозицијата релативно скоро по доаѓањето на чело на партијата и во моменти кога ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште ги конституира своите тела, укажува на тоа дека на Христијан Мицкоски не му недостига сигурност и моќ на убедување. Убедливоста во неговиот настап, пак, произлегува покрај од индивидуалните капацитети, и од моментот кој укажува на добра подготвеност, хомогеност и решителност на самата партија што поскоро да се врати на власт.

Мицкоски буквално во секоја отворена тема во синоќешното соочување со премиерот демонстрираше познавање од материјата, поседување на егзактни податоци и темелност во оперирањето со нив. Што произлегува, како и од неговото искуство од наставнонаучната сфера, така и од индивидуалноста.

Заев наспроти тоа покажа, уште еднаш, недостиг на самочувство. Неколкупати во текот на дебатата се обиде да мине во против напад со видливо однапред подготвени некакви – небитни за самата дискусија и темите – податоци. Меѓутоа, ваквите обиди да се одглуми некаков „мангупски шарм“ брзо спласнуваа, едноставно поради недостигот од аргументи и поради неколкупати искажаните грешни податоци, кои само ја зголемија очигледната несигурност кај премиерот. Попусти останаа и обидите да се навлече Мицкоски на „тенок мраз“ со темите за меѓународните односи, а целосно фијаско претрпе и инсистирањето на Заев да наметни мислење дека ВМРО-ДПМНЕ и натаму е партија којашто, според него, ја казнила, во прв ред меѓународната заедница, и била силно критикувана.

Тоа повторно укажа на недостиг од аргументи во арсеналот на Заев. Наивноста на Заев, меѓутоа, покажува уште еден поразителен факт: дека неговиот скапо платен тим не умее со своите совети да ги покрие разбирливите недостатоците во поседувањето на факти и аргументи, па и неспособноста да се манипулира со паушалноста.

Ова, всушност, само покажува дека СДСМ не може да ги надмине причините поради кои мина толку долго во опозиција. Покрај негативната кадровска селекција во сопствените редови, и неможноста да се ослободи од самобендисаноста и квазиинтелеткуалноста и убеденоста дека со провизорен мангуплак ќе бидат убедителни кај гласачкото тело. А, дека не се отстапува од сегашната тактика покажуваат и огласите на мрежата на произведените аналитичари и коментатори.

Но, токму искажувањата по дебатата на социјалните мрежи, кои беа преполни и со коментари на граѓани, но и од експерти, укажаа на бледиот настап на Заев, како и неговите неаргументирами коментари за економијата. А, да се потсетиме, во најавата на прифаќањето на дуелот премиерот порача дека „ќе одржи лекција од економија“.

Според севкупно виденото, пак, произлезе сосема веродостојна констатацијата на Мицкоски дека „доколку тоа било предавањето, сигурно ќе се паднело на испитот“.

Автор: Серјожа Неделкоски