Поднесени 182 барања до Град Скопје за субвенционирање печки на пелети

пелети

-Јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на град Скопје за купување печки на пелети за 2017 година почна на 27.02.2017 година и ќе трае заклучно со 13.03.2017 година (понеделник). Сите апликации коишто ќе пристигнат по овој датум воопшто нема да бидат прифатени, ниту разгледувани. Оваа година Јавниот повик ги опфаќа граѓаните на градот Скопје коишто се затоплуваат на печки со дрва, јаглен, нафта и мазут и претставува една од мерките кои Градот Скопје ги презема со цел подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух, информираат од Град Скопје.

Условите за добивање субвенција се: барателот да нема искористена субвенција за истата намена од кој било извор во Република Македонија;  да е жител на град Скопје;  да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут; новата печка на пелети која ќе ја купи да биде инсталирана и да се користи на истата адреса од личната карта, да нема приклучок на градско централно греење во објектот каде што е инсталирана печката;  станбениот објект да не е во фаза на градба; и барателот да има платено данок на имот за објектот каде што е инсталирана печката, заклучно со 2016 година.

До вчерашниот ден граѓаните имаат поднесено 182 барања кои моментално се во фаза на разгледување, а комисијата почна со теренска проверка на дадените локации каде што ќе бидат поставени набавените печки на пелети.

Градот Скопје ги повикува  граѓаните кои се уште не поднеле барања, а имаат намера истото да го сторат, да аплцицираат и документите да ги поднесат до Архивата на Град Скопје секој ден од 9.30 до 15.00 часот. Целиот Јавен повик е објавен на официјалната веб страницата на Град Скопје и трае до 13 март 2017 година.

Заинтересираните може да добијат детални информации на веб страницата на Град Скопје, каде што може и да ги симнат обрасците за поднесување барање на следната интернет врска:

http://skopje.gov.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=775

-На минатиот Јавен повик кој беше објавен во 2016 година беа доделени 196 субвенции, за што беа издвоени 5.896, 000 денари од Буџетот на Град Скопје, а поради големиот интерес кој го покажаа граѓаните за овој тип на субвенции,  за 2017 година предвидени се 10 милиони денари или околу 330 субвенции за набавка на нови печки на пелети, информираат од Град Скопје.