Поднесено обвинение за разбојништво во спортска обложувалница

По спроведена истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот делото го сторил во соизвршителство со друго лице, кое до овој момент не е достапно на органите на прогонот.

Обвинетиот и неговиот соизвршител, по претходен договор, на 9 октомври влегле во објект на спортска обложувалница на улица „Зеничка“ во Скопје и се заканиле дека ќе нападнат врз животот на една вработена. Притоа обвинетиот, со пиштол во раката, побарал од оштетената да каже каде се парите и ја турнал до ѕидот, додека другиот осомничен се упатил кон работниот пулт и од една од фиоките одзел 133.460 денари.
Со оглед на тоа што и натаму постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство на обвинетиот, како и основан страв дека тој би можел да го повтори делото, да влијае врз сведоците или да ги сокрие и уништи трагите од кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд достави и Посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице.​