Поднесено обвинение за убиецот од село Мојанце

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Убиство од чл. 123 ст.1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 18.08.2019 година, во селото Мојанце, Арачиново, со употреба на огнено оружје со калибар од 7,62×25мм, со умисла го лишил од живот оштетениот Зилбехар Ајвази. На критичниот ден, најпрвин дошло до вербална и физичка расправија меѓу братот на сега починатиот и таткото на обвинетиот, кои се расправале за местото за напасување на добитокот. Таткото на обвинетиот притоа се здобил со телесни повреди и за настанот ги известил своите синови.

Обвинетиот, заедно со уште едно непознато лице, со автомобил „фолксваген голф 3“ се упатиле кон куќата на семејството Ајвази. Кога стигнале таму, обвинетиот преку отворениот прозорец на совозачкото седиште на автомобилот испукал два куршума во правец на сега починатиот Зилбехар и го погодил во десната страна на градниот кош, нанесувајќи му тешка телесна повреда – устрелна рана. Куршумот повредил повеќе витални органи. Оштетениот бил хоспитализиран во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ – Скопје, каде му била извршена хируршка интервенција. На 09.09.2019 година настанало влошување на неговата општа состојба поради обилно крварење во стомачната празнина и оштетениот починал.

Поради опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице. Притоа, обвинителот особено го ценеше фактот што непосредно по настанот осомничениот веднаш станал недостапен на органите на прогонот, по него била распишана потерница, а кога бил затекнат при претрес на неговиот дом, дал лажни податоци за сопствениот идентитет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.