Пoднесете годишна даночна пријава до 15-ти март: Досега тоа го сториле над 23 илјади граѓани

Досега вкупно 23.565 граѓани поднеле годишна даночна пријава, од кои 120 по електронски пат, а крајниот рок за поднесување е до 15-ти март, информираше Весна Новаковиќ, од Канцеларијата за односи со јавност и комуникација.

„Последните податоци на Управата за јавни приходи покажуваат дека досега годишна даночна пријава поднеле 23.565 граѓани, од кои 120 тоа го сториле по електронски пат“, рече Новаковиќ, која нагласи дека оваа година се очекува да се поднесат 200.000 даночни пријави.

Минатата година, како што нагласи таа, биле поднесени вкупно 174.181 годишни даночни пријави, а за оваа година се планирани 200.000.

Во системот за електронско поднесување на даночни пријави „Е-Даноци“, се регистрирани околу 10.600 регистрирани лица, од кои 120 веќе ја искористиле можноста преку елекронски пат да ја поднесат годишната даночна пријава.

Секое лице кое што во текот на минатата година остварило дополнителен приход има обврска да поднесе годишна даночна пријава до Канцелариите на Управата за јавни приходи најдоцна до 15-ти март.

Имате обврска да поднесете годишна даночна пријава доколку сте издавале под закуп станбен или деловен простор, сте склучиле авторски договор и права од индустриска сопственост, ви била исплатена дивиденда или камата по основ на заем кој сте го дале на физичко или правно лице, сте оствариле капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, сте оствариле добивка од игри на среќа, имате лични примања од странство и „други приходи“…

Немате обврска да поднесете годишна даночна пријава доколку во текот на годината сте оствариле само приходи од плата, пензија, земјоделска дејност или самостојна дејност.

Годишната даночна пријава е бесплатна и може да ја преземете преку Интернет страницата на УЈП или да ја побарате во даночните канцеларии на Управата. Потребно е да се пополни во два примерока и да се поднесе во надлежната даночна канцеларија, според местото на живеење или по електронски пат преку „Е-даноци“, како и во Контакт центарот во Градскиот трговски центар или да се испрати препорачано преку пошта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.