Поетски портрет на Влада Урошевиќ, читања на странски поети и промоции на СВП

Поетот, прозаист, пензиониран универзитетски професор по книжевност Влада Урошевиќ и неговото поетско творештво беа првата од содржините што ја одбележаа вчерашната вечер на Струшки вечери на поезијата.  Урошевиќ зад себе има 11 збирки поезија, шест збирки раскази, шест романи, три книги записи и патописи, неколку книги критики и есеи, две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството, а составувач е и на неколку антологии. Тој исто така е и еден од втемелувачите на Струшките вечери на поезијата во 1961 година.

На сцената кај „Галеб“ беше промовирана и „Арката на Ное“, годинашната тематска антологија, инаку препознатлив белег на „Струшките вечери на поезијата“ (СВП).

Приредувачот Иван Џепароски како тема за антологијата оваа година ги одбра животните во македонската поезија. Дел од авторите од сите возрасни генерации, на бината на истекот на Црн Дрим прочитаа по неколку песни.

Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ продолжи со меѓународното поетско читање „Кругови“ од дел од годинашните учесници на СВП. Вечерта на третиот ден на поезијата во Струга продолжи со Промоција на „Дедлајна љубов моја“ на Владимир Лукаш – во соработка со ИНКА Струга во рамки на програмата „Раздримување“, како и со читањето на млади поети „Ноќ без интерпункција“, напоредно со отворањето на изложбата „ „Скицерајки“, исто така на Лукаш.

Во текот на денешното претпладне, се одржа поетското матине во дворот на црквата Пресвета Богородица, свои творби прочитаа дури 21 поет од земјава и од голем број земји од Европскиот, Американскиот и Азискиот континент.

Вечерва, во 20 часот, на сцената „Галеб“ ќе биде презентиран Поетскиот портрет на Богомил Ѓузел, по што ќе уследи Поетскиот портрет на хрватската поетеса Моника Херцег, која е годинашен добитник на наградата „Мостови на Струга“ што ја доделуваат УНЕСКО и СВП.