Поевтин животот во февруари

Трошоците на живот во февруари оваа година, во однос на претходниот месец, бележат пад од 0,1 отсто, додека падот кај цените на мало е 0,5 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Намалувањето на трошоците на животот од 0,1 отсто во февруари оваа година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на шеќерот за 1,9, мастите за 1,6, овошјето за 0,8, месото и замрзнатиот зеленчук за 0,7 и преработките од млеко за 0,4 отсто.

Во февруари, исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот
превоз на патници за 9,3 отсто, информатичката опрема за 8,5 отсто, гасот за домаќинстата за 7,6 отсто, течните горива и мазива за еден отсто, течните горива за домаќинствата за 0,9 отсто, апаратите за домаќинствата за 0,8 и обувките за
0,7 отсто.

Пораст на индексот на трошоците на животот во февруари 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај конзервираното овошје за 2,1, зеленчукот за 1,6, мармаладите и чоколадните производи за 0,7 отсто, рибата за 0,6, алкохолни пијалаци за 0,5 отсто, лебот и житариците, сувомеснатите производи и преработките од зеленчук за 0,4 отсто, свежото млеко за 0,3, тестенините и др. прехранбени производи за 0,2 отсто.

Исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај услугите во патниот сообраќај за
3,3 отсто, телефонските и факс апарати и услуги за 0,9, мебелот за 0,4 и фармацевтските производи за 0,2 отсто.

Индексот на трошоците на животот во февруари 2014 година, во споредба со февруари 2013 година, бележи пораст од 0,6, а индексот на цените на мало бележи пораст од 0,4 отсто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.