Погба мора на операција

Фудбалерот на Јувентус и француски репрезентативец Пол Погба ќе мора да го оперира менискусот на десното колено, поради што ќе паузира најмалку четири месеци, објавија во четвртокот италијанските медиуми.

Погба се повреди пред два дена на тренинг на торинската „Стара дама“ на претсезонските подготовки во САД.

Италијанскиот дневен спортски весник Gazzeta delo sport тврди дека фудбалерот мора да оди на операција, поради што го очекува четиримесечно отсуство од терените. Така Погба ќе го пропушти и претстојното Светско првенство во Катар, а на тревникот ќе се врати на крајот од годинава. За селекцијата на Франција, инаку, има одиграно 91 натпревар на кој постигна 11 погодоци.

Францускиот 29-годишен репрезентативец пред неколку седмици дојде во Јувентус како слободен играч, бидејќи му истече договорот со Манчестер Јунајтед. Во англискиот великан Погба започна со кариерата, а потоа од 2012 до 2016 година настапуваше за Јувентус пред да се врати на „Олд Трафорд“.