Погба нема да игра за Франција на Светското првенство

Француската фудбалска ѕвезда Пол Погба ќе го пропушти Светското првенство во Катар поради проблем со коленото, пренесува француската новинска агенција АФП.

Неговиот агент Рафаела Пимента во соопштение за медиумите рече дека на 29-годишниот играч од средниот ред му треба повеќе време да се опорави од операцијата на коленото.

– По лекарските прегледи вчера и денеска во Торино и Питсбург, морам да соопштам дека на Погба му треба повеќе време да се опорави. Поради ова, тој некое време нема да се приклучи на тренинзите на Јувентус и нема да игра за Франција на Светското првенство – се вели во соопштението.

Погба стана светски шампион со француската репрезентација пред нешто повеќе од четири години во Русија. Во финалето кое Франција го доби против Хрватска со 4:2, постигна и гол за 3-1.

Светското првенство ќе се одржи во Катар од 20 ноември до 18 декември 2022 година.

Ова го потврди добро познатиот италијански новинар за трансфер, Фабрицио Романо на својот Твитер профил. Погба и натаму нема официјален натпревар заа Јувентус од потпишувањето на договорот со клубот минатиот јули.