Поглаварот на Албанската православна црква хоспитализиран во Грција поради Covid-19

Архиепископот на Тирана и на цела Албанија, Анастасиј, е хоспитализиран во специјализирана клиника за лекување на Covid-19 во соседна Грција, беше соопштено во четвртокот на сајтот на Албанската православна црква.

„По појавата на симптоми на коронавирусот во лесна форма, беше проценето дека е целисходно архепископот на Тирана, Драч и цела Албанија, Анастасиј, да биде пренесен во Атина (во болницата на Благовештението) за укажување на неопходната медицинска помош.

Во четвртокот грчката телевизија ERT-1 објави дека 91-годишниот архиепископ Атанасиј направил тест за коронавирусот во медицинскиот центар во Тирана кој бил позитивен.

Во јуни годинава поглаварот на албанската црква беше подложен на интервенција за стентирање на срцето по претрпен срцев удар. По операцијата, архиепископијата извести дека здравствената сосојба на Атансиј е „многу задоволителна“.

Архиепископот Анастасиј дојде на чело на Албанската православна црква во 1992 година.

Деновите беше известено и за зараза на уште еден поглавар на православна црква на Балканот, спрскиот патријарх Иринеј. Според информациите, и кај него заболувањето минува со лесна форма а тој се лекува во белградска клиника.

На крајот од октомври почина црнгорско-приморскиот митрополит Амфилохие,  откако беше примен во Клиничкиот центар во Подгорица на 6-ти октомври, каде што му беше укажана лекарска помош поради компликации поврзани со Covid-19.