Поголемите загадувачи ќе плаќаат поголем данок за возила

Од ноември ќе стартува променет начин на оданочување на новите возила. Со новиот Закон за акцизи не е предвидена акциза за автомобилите, туку од први ноември за нив ќе се плаќа нов данок на моторни возила.

Со предлог-законот предвидено е пресметката на данокот на моторните возила да се врши врз основа на вредноста на моторните возила, како и врз основа на износот на просечната емисија на јаглерод диоксид – CO2, изразена во грамови по километар.

Колку ќе треба да се плаќа за секое возило, ќе одредува Владата, бидејќи предлог-законот предвидува таа да ги утврдува износите, односно бројките, врз основа на кои ќе се пресметува данокот. Наплата, пак, ќе врши Царината.

„Данокот на моторните возила се пресметува врз основа на податокот за износот на просечната емисијата на јаглерод диоксид – CO2 изразен во грам по километар, податокот за износот на 1 грам јаглерод диоксид – CO2 за соодветна категорија во зависност од видот на горивото кое се користи за погон на возилото искажан во денари, податокот за продажната вредност на возилото без вклучен данок на додадена вредност или при увоз податокот за царинската вредност на возилото утврдена согласно царинските прописи и податокот за износот на царината искажани во евра во денарска противредност, како и податокот за износот на процентот од вредноста на возилото за соодветна категорија“, пишува во нацрт-законот објавен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР).

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.