Погрешните политики на Владата ќе донесат уште полош стандард, предупредува Мицкоски

Најголемиот проблем на оваа Влада водена од СДСМ е што водат политики кои не доведуваат пред свршен чин, буквално ја донесоа државата пред бездната и милиметри фалат за да паднеме таму. Сега ни треба робусна и брза акција, немаме друг избор. Ќе се потрошат многу пари, а тоа ќе го чини и стопанството и граѓаните, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за Алфа Телевизија.

Мицкоски потенцираше дека погрешната политика на владата на СДСМ и ДУИ ќе го чини народот многу пари и полош стандард.

„Уште во април и мај предупредувавме дека до ова ќе дојде, но власта одбиваа и не навредуваа и лажеа дека работата е под контрола, затоа што доаѓаа локалните избори. Сега проблемот е што стигна енергетската криза, имаме повисоки сметки, компаниите се во хаотична состојба, вработуваат неколку стотици илјади луѓе, рече Мицкоски.

Истакна дека покрај електричната енергија, сериозен проблем е цената на гасот која порасна а се користи за греење, проблеми се акумулациите, коповите за јаглен, лошите спогодби на власта, додавајќи дека долгот на државата веќе одамна надмина 60 отсто од бруто домашнуот производ (БДП).

„Комплетно погрешно политика на власта. Затоа велиме потребни се избори, за да ги засукаме ракавите и да ја кренеме Македонија од таму од каде што ќе ја наследиме“, истакна Мицкоски.