Погубните предизборни потези на очајниците од СДСМ

страшо ангеловски

Колку ли треба да си очаен, а истовремено некадарен, за да повлекуваш потези какви што по наредба на Зоран Заев (човекот кој економијата, но и историјата очигледно, ја учел на зелените пазари во Белград) влече актуелното раководство на СДСМ сместено во техничката влада, но и во вилата на Водно. Истовремено, колку ли треба да си измеќарски воспитан, секој малку посилен од себе да го прифатиш за господар и, самиот да се нудиш да му слугуваш. Да му слугуваш во вистинската смисла на зборот – како слуга со кичма свиткана и глава наведната до земја. Слуга, од кој и лакеите би се засрамиле и би го презреле. Лакеите, кои за разлика од домашниве слуги, имаат свое достоинство и интегритет.

Потезите, смислени во штабот на Бихаќка, имаат употребна вредност само до првото излегување на гласање, смислени единствено во обид на секој начин да се остане на власт и да се докрајчи се што е Македонско. И, стриктно поделени во насоката на обраќање – за „по дома“ и за „по надвор“.  Едните, за креирање лажен рејтинг на очајното СДСМ меѓу гласачите во државава, а другите, во коленичење пред еврократите и остатоците од американската длабока држава, во обидот да им помогнат да добијат уште еден мандат.

Притоа, како и секогаш, подготвени да газат преку мртвите (Гоце и Мисирков), но и преку живите, оние кои денес едвај врзуваат крај со крај, обичните граѓани на Република Македонија, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи… граѓани, кои остануваат без работа, остануваат без плата, остануваат без можност да си ги нахранат децата, а, чија единствена вина е што живеат во Република Македонија под власт на бездушници и некадарници од СДСМ.

И, за да не ги редам стотиците потези кои, за жал, им го уриваат спокојното секојдневие на илјадници семејства, ги фрлаат во очај и неизвесност, па самите читатели ги чувствуваат на сопствената кожа, ќе наведам само по еден, секако, најдрастичен пример за ова што го пишувам:

Патем, од оние потези за „по дома“, само ќе ги споменеме „донациите“, што во вид на пакети за поткуп, подготвени со парите од буџетот, ги разнесуваат активисти на СДСМ, притоа, безмилосно газејќи по достоинството на сите оние кои, токму заради неспособноста и алчноста на тригодишните „владетели“, се доведени во ситуација тие пакети да им бидат потребни.

Но, можеби најсуров потег за стекнување рејтинг, а преку поигрување со човечките судбини е лажната Уредба со законска сила, донесена од техничката влада, со која на околу 2.000 државни и локални функционери им се определува плата на нивото на минималната, од 14.500 денари, за месеците април и мај. И, додека, на пример, вработените во угостителството и туризмот, заради затворените објекти, не успеваат да земат ниту денар како мартовска плата, Уредбата за функционерите почнува да важи дури од априлската плата. Со тоа, вешто и смислено, на судството „отворено како пупка“, во случајов, Уставниот суд, му се остава доволно време, а по наредба токму на тој што го „отвори“, да ја поништи оваа Уредба и да не дозволи априлската плата, која еве, треба да се исплаќа од денес, функционерите да ја добијат во минималниот износ.

И, по партиска наредба, веднаш се јавија функционерите од СДСМ кои, нели, објавија дека тие, онака загрижени за судбината на граѓаните, иако едвај врзуваат крај со крај со парите од тендерите, од Фондот за иновации, од стипендиите за синчињата и ќерките, сепак, делот од платата, над минималната, ќе го донирале во некаков „солидарен фонд“. Па така, граѓаните треба да стекнат привид дека „загрижените“ функционери од СДСМ, се луѓе „од народот и за народот“, кои повторно треба да бидат гласани, а „клетите“ Уставни судии се оние кои ги оневозможуваат.

Жално, за граѓаните кои по којзнае кој пат треба да бидат измамени, но, двојно пожално, па дури и трагично за судиите во Уставниот суд, кои за стотици претставки доставени до нив, се уште не нашле време да расправаат, а експресно ја изиграа улогата што „отварачот на пупки“ им ја намени во драмолетката наречена „Браво за совесните функционери на СДСМ“. Така, на очиглед на целата македонска јавност, чуварите на уставноста кои треба да се најдат во темелот на куќата наречена држава, се најдоа во калта на дворчето пред зградата на Бихаќка.

Вторите потези се за „по надвор“. И толку смрдат што токму како да се од „по надвор“. Па, човекот оддаден на Белград во 90-те, Денко Малески, длабоко воспитуван во духот на југословенското „независна Македонија, само без мене“, удобно вдомен во вилата на Водно како советник на Стево Пендаровски, од нигде и никаде (барем на прв поглед) изјавува дека и Делчев и Мисирков се Бугари, со што, после триесет години, ќе речете, и’ се нуди на Софија.

Тоа се, прво што ќе помислите, синовите и внуците на првата генерација на „црвената буржоазија“, кои стануваа доктори доколку татковците беа доктори, стануваа дипломати доколку татковците беа дипломати, стануваа директори доколку татковците беа директори, како во Северна Кореја, каде што не со труд и знаење, туку во наследство се оставаат титулите, звањата и ангажманите. Па, синовите и внуците на некогашните слуги на Белград и Москва, денес си бараат нови господари – во Брисел, Вашингтон, Атина, Софија, сеедно – зашто, за добар слуга нема лош господар.

Но, овде е работата многу подлабока. Имено, Денко и тие околу него кои сега се јавуваат во негова и во одбрана на бугарскиот карактер на македонскиот народ, всушност се „гулабите писмоносци“, кои од името на Заев треба да ја однесат до „меѓународната заедница“ на еврократите и остатоците од американската длабока држава веста дека СДСМ, за разлика од ВМРО ДПМНЕ, е подготвена и на последниот чекор во бришењето на македонското постоење само и само да и помогнат, уште еднаш, надвор од изборните резултати, да остане на власт. Потоа, „гулабите“ ќе бидат „отстрелани“ токму од оној кој ги полета и, за нивна жал, ќе бидат само уште неколкумина во редицата искористени и фрлени заради владеењето на оние кои го киднапираа СДСМ.

Затоа, ниту може, ниту смее, господинот Пендаровски со леснотија која не одговара на функцијата што ја врши, да изјави дека Малески, кој е негов советник, бидејќи, парафразирам, не сме живееле повеќе во едноумие, можел да има различни ставови. Пендаровски, кој е негов „работодавач“, има право на различен став со својот вработен советник, но, верувам, дека доколку беше претседател на огромна компанија и во нејзе му беше „работодавач“ на Малески како советник, а овој, со својот различен став, побараше компанијата да се урне до темел, да се уништи целиот дотогаш стекнат капитал и да се почне одново, уште вечерта ќе му ја покажеше вратата од надворешната страна. Толку околу различните ставови кога е во прашање државата и „капиталот“ стекнуван со крвта на генерациите Македонци.

И, на крајот, после се’ ова што ни се случува, по којзнае кој пат ќе повторам дека вистинските социјал-демократи, оние со вистинска социјал-демократска идеологија, имаат обврска да ја повратат киднапираната партија од неолибералните злосторници и да им се придружат на сите онеправдани, измамени и понижени во заедничката битка за подобро утре. Зашто, нивниот молк, молкот на оние кои ја граделе партијата како вистински Социјал-демократски Сојуз на Македонија, е предавство на социјал-демократијата, предавство на македонските корени на таа партија и ветер во грб на авантуристите кои сега ја предводат. Додека не биде доцна, се разбира.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес