Пол Џорџ во Клиперс до 2025-та за 226 милиони долари

Кошаркарскиот клуб од НБА лигата, Лос Анџелес Клиперс, го продолжи договорот со својот „ол-стар“ крилен напаѓач Пол Џорџ на уште четири години, односно до летото 2025 година.

Според сознанијата на спортската мрежа ESPN, 30-годишниот Џорџ за следните пет сезони во Клиперс ќе заработи 226 милиони долари, односно максимално дозволениот износ во НБА лигата.

„Ова е важен момент за нашиот клуб и навивачите, бидејќи осигуривме долгорочно обврзување на еден од најдобрите играчи во лигата кои играат во двете насоки“, изјави претседателот за кошаркарски операции во Клиперс, Лоренс Френк.

„Како дете коешто израсна во Калифорнија отсекогаш сонував да играм во Лос Анџелес каде што семејството и пријателите може да дојдат да ме гледаат“, изјави Пол Клифтонанто Џорџ.

Џорџ дојде во Клиперс во летото 2019 година и во првата сезона во екипата просечно постигнуваше 21,5 коша со 5,2 скокови, 3,9 асистенции и 1,4 освоени топки по меч. Екипата во доигрувањето стаса до полуфиналето на Западната конференција каде ја испушти предноста од 3-1 во победи во серијата до четири против Денвер Нагетс.