Полесно до работа во Германија

Германскиот парламент во петокот изгласа пакет мигарциски закони со кои се менува процедурата за добивање азил и се олеснува доселувањето за потребите на германскиот пазар на труд, пренесуваат медиумите во регионот.

Меѓу најважните закони е Законот за доселување на квалификувана работна сила. Според министерот за внатрешни работи, Хорст Сихофер, долгонајавуваниот Закон го регулира доаѓањето на работниците од земји кои не се членки на ЕУ. Според новите правила, тие ќе можат да се доселат во Германија ако најдат работа што одговара на нивните квалификации.

Покрај тоа, за добивање на виза и работна дозвола нема да биде потребно занимањето на странскиот работник да биде на т.н. листа на дефицитарни занимања во Германија.

Исто така, висококвалификуваните работници со познавање на германски јазик во иднина ќе бидат во можност да останат во Германија до шест месеци за да бараат работа, но нема да имаат право на социјална помош.

Законот за доселување на квалификувана работна сила беше поддржан од сите парламентарни групи, но законите за азил и протерување наидоа на отпор од страна на Зелените и членовите на Левицата коишто сметаат дека со ова се крши уставното право на политички азил во Германија.