Полицаец од Кавадарци употребил прекумерна сила врз приведено лице

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против К.Ѓ., полицаец во Полициската станица за општа надлежност Кавадарци, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда”, предвидено и казниво по член 131 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Пријавениот на 5.ти мај минатата година, при извршување работни задачи заедно со уште тројца полициски службеници, при лишување од слобода на лице, употребил физичка сила и му нанел тешки телесни повреди на лишеното лице. По преземени мерки од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, соопшти денеска МВР, против К.Ѓ. и тројцата полициски службеници кои работните задачи ги извршувале без потребниот квалитет поведена е постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.