Полицаец од Ресен за гласачите од Пустец: Ниту еден од проверените не беше на пријавената адреса

Со сослушување на сведок вработен во Полициска станица Ресен, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за изборни нерегуларности „Титаник“. Сведокот Агрон Кранлиевски, на прашање од обвинителката Лиле Стефанова, рече дека од 2012 година му биле дадени за вршење на проверки повеќе од 100 луѓе на три адреси.

– Во 2012 година добив од 40 до 45 барања за проверка на адреса на Љупчо Поп Ѓошев. Во првиот обид ниту еден не беше пронајден. Потоа кај Станојковиќ во стан добив проверка на 20 до 25 луѓе, а кај Сандре Темелковски, на улица Коле Неделковски имаше околу 20 до 30 луѓе. Во прв обид не беше пронајден никој, рече сведокот.

Потоа од старешините, рече сведокот, им било речено да направат уште два до три обиди на истите адреси, но повторно неуспешно.
– При увид во Избирачки список видов 78 лица, за кои имам пишано негативно, дека не се пронајдени на адресата на живеење, изјави сведокот.

Нагласи дека дневно во ПС на сликање доаѓале по околу 50 луѓе.

– Од командирот Милорад Георгиевски, добивме наредба тие луѓе да ги извадиме надвор на паркинг на полициската станица. Во разговор со нив, тие кажаа со пасошите во рака дека се пратени да се сликаат од градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, рече сведокот.

На прашање од одбраната дали проверката ја вршел сам, сведокот потврди и посочи дека тоа е вообичаена постапка.

Прашан од Илија Димовски, дали луѓето од Пустец што доаѓале во ПС Ресен веќе имале пасоши од РМ, пред да дојдат и побараат лични карти, сведокот рече да.

На прашање од Гордана Јанкулоска дали пристапот до изводот од Избирачкиот список му бил овозможен од некој од кандидатите за градоначалник, сведокот рече не.

Прашан од Едмонд Темелко, дали познава со име и презиме некои од луѓето пред ПС Ресен, сведокот одговори не.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.