Полицаец повреден во тепачка кај „Три Бисери“

Неколку лица, меѓу кои и полицаец, се повредени во тепачка што се случила вчера пред ресторан во ТЦ „Три Бисери“ во скопската населба Аеродром, информираше МВР.

Инцидентот се случил  околу 4 часот кога во СВР Скопје било пријавено дека на булеварот Јане Сандански  скопјаните Д.Ј. (31) и В.Ѓ. (27) биле физички нападнати од С.С.(23) и уште три непознати лица.

Двајца полициски службеници, кои минувале во тоа време во близината, се обиделе, откако се легитимирале со службените легитимации да го спречат нарушувањето на јавниот ред и мир. Но С.С. со тупаница удрил еден од полицајците во главата, по што тој возвратил,  а четворицата насилници влегле во автомобил и избегале.

Додека полициските службеници му пружале помош на едно од нападнатите лица дошол Б.С. (50), татко на напаѓачот и физички ги нападнал полицајците. Тој бил приведен, а со Итната медицинска помош Д.Ј. бил пренесен во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ каде му биле констатирани телесни повреди.

Лесни повреди имал и еден од полицајците кој е задржан на лекување во болницата „Свети Наум Охридски“.

За настанот е запознат и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, како и дежурен Јавен обвинител, по чии што насоки се работи на целосно расчистување на случајот.