Полицаец со туѓ мотор прегазил малолетник па избегал

Полицаец од Струмица со туѓ мотор прегазил малолетник, а неговиот татко-цариник за да не го одземат мотоциклот фалсификувал документи за да го регистрира, информираше МВР.

Станува збор за В.Р.(54), против кого полицијата поднесе кривична пријава за фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита содржина, а неговиот син М.Р.(30), како и  В.Т.(31) од село Куклиш, се осомничени за соизвршителство.

Според полицијата, М.Р., вработен како полициски службеник во СВР Струмица, на 05.08.2018 година управувајќи мотоцикл марка „Јамаха ФЗ1“ со бугарски национални ознаки, учествувал во сообраќајна незгода во која бил повреден малолетник. Осомничениот, знаејќи дека направил царински прекршок, односо дека моторот е на В.Т. и не е регистриран, избегал од местото без да му помогне на повредениот.

Второпријавениот, татко на првопријавениот, вработен како цариник во Царинска испостава Ново Село,  искористувајки ја својата службена положба и овластување, со цел да избегне одземање на мотоциклот, иако знаел дека В.Т. не е во Македонија, отпочнал постапка за царинење на мотоциклот во име и за сметка на третопријавениот за што приложил фалсификувани документи. Исто така против М.Р. е поднесена кривична пријава  за загрозување на безбедноста во сообраќајот како  и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода,  а до Царинска управа- Царинарница Гевгелија доставено е  Известување за сторен царински прекршок, со предлог мерка одземеното возило да биде ставено под царински надзор за време на спроведување на постапката, велат од МВР.