Полиција околу црквата Св. Спас пред чествувањето на Гоце Делчев во сабота

Засилено присуство на полиција во изминатите денови во пресрет на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев.

Околу црквата Св. Спас каде што е гробот на Делчев, во моментов нема ограничување на сообраќајот и движењето на граѓаните, но веќе има специјалци и полицајци во цивилка.

Во Бугарија пак се проверуваат граѓаните кои во сабота имаат намера да дојдат во Скопје на годишнината од раѓањето на револуционерот, кого и Македонците и Бугарите го сметаат за свој.

Заменик-началникот на бугарската полиција Станимир Станев за бугарската телевизија БТВ изјави дека во врска со чествувањето само пред два дена, дури три пати се слушнал со надлежната полициска институција во Македонија.

Тој посочи дека македонската полиција го уверила дека ќе преземе „драконски мерки“ за гарантирање на безбедноста, со проверки на различни места, а Бугарија ќе се погрижи, како што рече, бугарските граѓани да не провоцираат и создаваат нарушувања при посетата на Скопје.

„Ние разменуваме информации и им даваме информации за движењето на нашите граѓани, за нивниот број, за кој се уште немаме точна бројка… Ги разменуваме потребните информации за двете страни со цел да гарантираме дека 4-ти февруари ќе помине без проблеми“, рече Станев.

Тој додаде дека бугарската полиција е подготвена да испрати помош до своите колеги во Северна Македонија, доколку има потреба и се побара за такво нешто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.