Полицијата откри криминална група која прошверцувала 400 мигранти

Како на филмска лента, со 200 километри на час во автомобили со преполни багажници се криумчарале мигранти во земјава. По добро разработена шема, „на диво“, биле преземани кај Гевгелија и Дојран, а привремено засолнувани во некои кумановски села. . Меѓу нив биле 400 Авганистанци, Пакистанци, мигранти од Ирак, Бангладеш. Транспортот низ земјава го организирале 14тмина кои сега се осомничени, а изминатите шест месеци умешно ги избегнувале полициските патроли бидејќи во групата имало и полициски „крт“. Проценката на истражните органи е дека „ќариле“ до 200 000 евра за услугите.

Еден од осомничените обвинителството го води како НН – или непознато лице кое има строга хиерархиска поставеност и е врзан со грчки криминални структури. Меѓу мигрантите кои биле пренесувани имало и 18 деца. Деветмина се уапсени во денешната акција,а тројца се веќе во притвор за други кривични дела. Статистиката на МВР вели дека од почетокот на 2017 година до септември годинава откриени се мигранти во 126 наврати. Кривично одговараат 148 лица од кои 17-мина не се од Македонија. Полицијата го пресретнала патот на 2069 мигранти чија крајна дестинација била некоја од земјите во Западна Европа.