Полицијата откри тунел за дрога меѓу Мексико и САД и заплени 799 килограми кокаин

Американската полиција денеска откри тунел за дрога што води од Тихуана, Мексико, до магацин во Сан Диего, заплени 799 килограми кокаин и уапси шест лица осомничени за трговија со дрога. Канцеларијата на обвинителот за јужниот округ на Калифорнија соопшти дека станува збор за тунел долг 531 метар, со дијаметар од еден метар, на длабочина од 18 метри, со шина, електрична енергија и систем за вентилација.

Тунелот е откриен при надзор на имотот кој претходно бил користен како магацин за шверц на кокаин, јавува Би-Би-Си.

Според изјавата на обвинителот, полицијата денеска видела неколку возила како доаѓаат и си одат од имотите во Тихуана и Сан Диего, ги запрела и извршила претрес, а притоа биле уапсени осомничените и запленети се наркотици.

Обвинителството соопшти дека се запленети 799 килограми кокаин, 74 килограми метамфетамин и килограм хероин.

Осомничените, на возраст меѓу 31 и 55 години, може да се соочат со доживотен затвор и парична казна од милион долари доколку бидат прогласени за виновни.

„Нема повеќе светлина на крајот од овој тунел за дрога“, рече американскиот обвинител Ренди Гросман. Тој рече дека ќе ја отстрани секоја подземна рута за шверц што ќе биде пронајдена, за да спречи дрогата да стигне на улиците и да ги уништи семејствата и заедницата.

Претходно, ваков тунел беше пронајден во 2020 година, исто така во Калифорнија, а беше најдолгиот откриен досега – 1.313 метри.

Од 1993 година досега се откриени вкупно 90 вакви видови тајни премини.