Полицијата приведе осомничен за палењето на џипот на пратеникот Ристески

Прилепската полиција приведе осомничен за ноќешното палење на џипот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески, од кој пожар била фатена и колата на татко му.

„На 20.07.2022 во полициска станица во СВР Битола-ОВР Прилеп е приведено едно лице, кое е осомничено во врска со пријавата во 01.45 часот дека на улица Цар Самуил во Прилеп настанал пожар во патничко возило ‘шкода кодиак’, со прилепски регистарски ознаки, сопственост на П.Р.(45) од Прилеп, од кој било зафатено и патничко моторно возило „пежо 206″ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на неговиот татко Б.Р.“, соопшти МВР.

Јавен обвинител од Прилеп претходно извршил увид и зел траги и докази од местото и од опожарениот џип на пратеникот Петар Ристески, а причината за пожарот и евентуалниот потпалувач најави дека ќе ги бара и на снимките на околните безбедносни камери.

„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп изврши увид на локацијата каде во текот на ноќта беше опожарен автомобил во сопственост на пратеник во Собранието на Република Северна Македонија. По наредба на јавниот обвинител беа подигнати траги од лице место кои ќе се вештачат со цел да се утврдат причините за инцидентот. Јавниот обвинител издаде и наредби за обезбедување на евентуални снимки од видео надзорот на околните објекти во критичниот момент на опожарување на возилото“, соопшти Државното јавно обвинителство.

Во меѓувреме, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки кажа дека ова е кукавички чин, изведен од платеници на СДСМ.

На ова, СДСМ ги повика МВР и Обвинителството итно и целосно да го расчистат случајот со опожареното возило на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Ристески. Побара сторителите да бидат пронајдени и санкционирани согласно законите. Владејачката партија го осуди овој, како што го нарече, криминален чин, и повика на одговорност.