Полицијата во Бурунди уапси над 200 набљудувачи на изборите

. (AP Photo/Berthier Mugiraneza)

Полицијата во Бурунди уапсила повеќе од 200 опозициски набљудувачи во текот на изборите кои се одржауваа во текот на оваа седмица, соопшти во петокот вечерта портпаролот на главната опозициска партија Национален совет на слободата (CNL), обвинувајќи за изборни нерегуларности.

Минатите избори во 2015 година, коишто опозицијата ги бојкотираше и кога Пјер Нкурунзиза го освои третиот мандат, меѓународната заедница остро ги критикуваше.

Овие избори ги следеа многу малку меѓународни набљудувачи, откако владата соопшти дека мора да минат во 14-дневен карантин за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Изборите кои се одржаа во средата, први во вистинска повеќепартиска конкуренција меѓу кандидатите откако во 1993 година избувна граѓанската војна, требаше да доведат до прво демократско предавање на власта во 58-годишната независност на Бурунди.

Кандидатот на владејачката партија CNDD-FDD, пензионираниот генерал Еваристе Ндајипимије, беше во конкуренција со опозицискиот челник Агатон Рваса и уште пет други противкандидати. Нкурунзиза, чијашто влада повторно е обвинувана за кршење на изборниот процес, заминува од власт по 15 години.

Полицијата веднаш не била достапна за коментар на барање на агенцијата Reuters. Претставник на министерството за правда, ко рекол дека сака да остане анонимен бидејќи немал овластувања за контакти со медиуми, рекол дека притворените набљудувачи се изведуваат пред судија.

„Гласањето е нарушено со неколку неправилности: уапсени се над 200 набљудувачи на CNL, заплашување, лица кои гласале по неколку пати или во име на починати, бегалци или затвореници“, изјавил Теренс Маниорамбона, портпарол на партијата CNL.

Од изборната комисија одговориле дека за обвинувањата за изборна измама треба да се изјаснат судовите, а не тие. Владата не одговорила на барањето за коментар во врска со обвинувањата од опозицијата.

Целосните резултати од изборите се очекуваат по една седмица. Доколку никој не освои 50 отсто во првиот круг, по две семици ќе се одржи вториот изборен круг.