Полицијата во Загреб претепа слеп човек по грешка

Полициски службеници во Загреб му ја скршиле ногата и изместиле раката на слеп човек, обвинувајќи го за лажно претставување и навреда.

Стеван Јамбрешиќ има 47 години и е целосно слеп од детството. Живее со својата полусестра на западната страна од главниот град. Токму таму пред два месеци го пронашла полицијата. За „Индекс.хр“ тој раскажа низ што поминал поради полициската грешка.

-Одам до оградата, ја отворам. Ме прашаа: дали сте Стево? Така прашаа. Реков да, да. Но, тие не го спомнаа презимето, рече Стеван Јамбрешиќ.

Неговото вистинско име е Стеван, но сите го викаат Стево.

По кратка комуникација со полицијата, двајца полицајци влегле во дворот, насилно го привеле, му ја скршиле ногата и исчашиле раката.

Тие го замениле со друг човек, а не му побарале лична карта. Во станицата, кога тој излегол во ходникот да го земе од јакната документот за идентификација, повторно бил нападнат.

Министерството за внатрешни работи во Хрватска признава дека полициските службеници го прекршиле законот. Тие барале лице со друго презиме за кое претпоставувале дека живее на истата адреса.