Полицијата потврди дека е најдено телотo на фудбалерот Сала

Полицијата на англиската грофовија Дорсет потврди доцна ноќта кон петокот дека од остатоците на урнатиот авион е извлечено и доставен во британското пристаниште Портленд телото на аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала.

„Телото, предадено денеска во Портленд беше официјално идентификувано од кралската мртовечница на Дорсет, како телото на професионалниот фудбалер Емилијано Сала“, се наведува во полициското соопштение.

Претходно во четвртокот спасувачите извлекоа тело од остатоците на урнатиот авион, со кој летале 28-годишниот аргентински фудбалер Емилијано Сала и пилотот Дејвид Иботсон. Семејствата на двајцата биле информирани, додава полицијата.

Авионот исчезнал од радарите на летот од Нант кон Кардиф на 21-ви јануари вечерта. Сала потпиша договор за англискиот премиерлигаш Кардиф Сити вреден 17 милиони евра и заминал во Нант да се поздрави со соиграчите со кои мина три ипол години. По враќањето кон Кардиф авионот исчезнува од радарите и оттогаш се трага по него.

Потрагата по авионот од типот „Piper PA-46 Malibu“ траеше со денови, но не беше откриено ништо што би укажувало на остатоците од леталото или на преживеани. Потрагата потоа официјално беше прекината, а службени лица соопштија дека шанси да има преживеани речиси и нема.

Семејството на Сала не се помири со таквата одлука и организираше приватна потрага за којашто благодарејќи на донациите од познати фудбалери и тренери се собрани околу 300.000 евра. Минатата среда беа најдени седиштата од авионот, а четири дена подоцна и самиот авион.

Остатоците од авионот биле пронајдени во неделата на дното од каналот Ламанш , со помош на две пловила кои со сонор го пребарувале дното на Англискиот канал, во стеснета област од четири квадратни милји. Телото било воочено со помош на малата подморница (ROV) која била опремена со HD, но тоа досега не беше идентификувано